Коцарев и опасноста од бришење на македонски јазик и книжевност

Во 2020 година, професорка од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици предлага програма за работа на деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и со таа програма таа е избрана за декан на факултетот во периодот од 15 септември 2020 година до 14 септември 2023 година. Таа програма е архивирана, поделена до сите професори на факултетот, и преставува документ врз основа на кој професорката е избрана за декан. Во програмата се предлагаат „реформи“ на факултетот, при што структурата на факултетот од 11 катедри (од кои две се катедрите за македонски јазик и македонска книжевност) се заменува со структура од 5 отсеци (од кои ниеден не е отсек за македонски јазик и книжевност).



Ова во колумна за Нова Македонија го пишува претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев.

“Да повторам, за да нема забуна, станува збор за документ со наслов Програма за работа на деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во мандатниот период 15.09.2020 – 14.09.2023. Во програмата се предлага структурата на факултетот на првото, највисоко, ниво (дали тоа ниво ќе биде имплементирано со катедри или отсеци, не прави никаква разлика), да не го содржи зборот македонски (ги нема повеќе термините македонски јазик и македонска книжевност).

Уште повеќе, во програмата не пишува што ќе се случи со постојните катедри. Меѓутоа, дали тие ќе постојат (на второ или петто ниво, на пример,) или воопшто нема да постојат, по мене е ирелевантно прашање. Одговорот на прашањето не го менува фактот дека на првото, најважно ниво, зборот македонски се брише и ги нема повеќе термините македонски јазик и македонска книжевност.

Што се случи потоа?

Професорите од Катедрата излегоа со став дека „не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност“. Оставам читателот сам да пресуди за точноста на ова тврдење. За да ги смирам емоциите, порачав: „Се радувам што на Филолошкиот факултет ’Блаже Конески’ не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност. Посакувам во идните реорганизации на факултетот, рамо да рамо со различните отсеци, секогаш да бидат вклучени и отсеците за македонски јазик и јужнословенски јазици и за македонска книжевност и јужнословенски книжевности.

Сите досегашни изјави и текстови поврзани со ова се мои лични изјави, со единствена цел заедно и достоинствено да ја прославиме Годината на Блаже Конески.“

Меѓутоа, тоа не е доволно. Ми се чини дека треба да ги предочам мотивите за пишувањето на текстот „Катедрите за македонскиот јазик и македонска книжевност се нашиот дом“. По мое мислење, македонските катедри треба да имаат ексклузивен статус, тоа треба да се катедри од посебен национален интерес.

Пошироко гледано, клучно прашање тука е каков е односот на политичарите, од една страна, и на научниците и уметниците, од друга страна, спрема македонскиот јазик. Ќе почнам со политичарите. Од доаѓањето на власт на Тодор Живков (1956 година), поточно од 1963 година па до денес, владејачките структури во Бугарија, и во време на комунистичкото владеење и потоа, во демократска Бугарија, без разлика дали се лево или десно ориентирани, покажуваат целосна конзистентност, едногласност по прашањето на македонскиот јазик. За сите бугарски политичари, без исклучок, македонскиот јазик е бугарски дијалект, а македонската нација е „создадена вештачки“, и тоа врз база на бугарската народност, која постоела во Вардарска Македонија. Според Живков, македонскиот јазик е само „еден говор што им припаѓа на нашите западни говори, еден дијалект“, не постои „никаква македонска нација“, и Македонија е колевката на бугарската ренесанса, на создавањето на бугарската нација“. Веднаш по признавањето на македонската независност од страна на Бугарија, претседателот Желев изјави дека Бугарија ја признава само „политичката творба“ наречена Република Македонија, Бугарија никогаш нема да ги признае македонската нација и јазик. На 9 октомври 2019 година, бугарската влада официјално усвои документ со кој се определува Рамковната позицијата на Република Бугарија во однос на процесот за стабилизација и асоцијација на Македонија: „Треба да биде јасно дека јазичната норма прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите дијалекти во поранешна југословенска република по нивната кодификација во 1944 година. Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета за признавање од страна на бугарската страна на постоењето на т.н. ’македонски јазик’, одвоен од бугарскиот“.

Односот на политичарите во Македонија спрема македонскиот јазик треба да се гледа во два периода, до 1991 и по 1991 година. За периодот до 1991 година, ставот на политичарите можеби најдобро може да се илустрира, на пример, преку пишувањето на еден бугарски историчар за средбата, во декември 1966 г., кога Живков бил пречекан во Белград од Тито и од Крсте Црвенковски: „Се чини дека Крсте Црвенковски бил првиот што зел збор за Македонското прашање, и тоа за да оспорат одредени аспекти од националната политика на Бугарија: тој зборувал за ’исчезнувањето’ на македонското малцинство во Пирин, за ’антимакедонските’ текстови од Венко Марковски, за ’патриотската’ бугарска кампања околу Климент Охридски, како и за скандалот меѓу писателите од двете земји.“

За жал, односот на политичарите во суверена Македонија, по 1991 година, спрема македонскиот јазик се карактеризира со непостоење на каква било државна и/или партиска политика и се сведува само на мислења на определени политичари, кои се карактеризираат, главно, со неконзистентност, ненаучност и често менување заради постигнување определени „повисоки цели“, што доведува да парадоксални состојби”, пишува Коцарев во колумната.

Целиот текст во НОВА МАКЕДОНИЈА

Expres.mk денеска интегрално го објави планот за укинување на катедрите за македонски јазик и книжевност.

Целиот план за укинување на „македонските“ катедри на „Блаже Конески“