Коцарев: Единствен излез за Македонија е да го заборави лажниот ЕУ-сон и да се сврти кон себеси и својата иднина, инаку ќе нѐ снема!

„Единствен излез за Македонија е да заборави во моментов на безнадежниот и лажен ЕУ-сон и да се сврти кон себеси. Македонија може и треба сама да се избори за својата подобра иднина. Инаку ќе нè снема, ќе догори чкорчето и стихот ‘македонско име нема да загине’ ќе остане за навек само во песните. “ – предупреди претседателот на Македонската академија на науки и уметности – МАНУ Љупчо Коцарев во своето излагање по повод одбележувањето на Денот на МАНУ во 2023 година. Весникот „Нова Македонија“ објави широки наводи од тоа излагање.



Како владеењето во Македонија се преобрази во „бескрупулозно дивеење“?

Покрај другото, Коцарев во излагањето наведува: Централен проблем на Република Македонија е влијанието што го има извршната власт врз законодавната и врз судската власт и пошироко, во сите сфери на општествениот живот. Тоа влијание, во спрега со корупцијата, организираниот криминал и институционално-моралниот колапс, овозможи владеењето во Македонија да се претвори  во бескрупулозно дивеење.

„Некои од македонските политичари и нивните бранители, меѓу кои има и професори, историчари, лингвисти и интелектуалци не научија што значи поимот суверенитет: дел од суверенитетот на секоја држава, па и на Македонија, го вклучува правото на државата да ги уредува своите внатрешни работи, меѓу кои: јазикот, националноста, идентитетот, образовниот систем и да ја негува и да ја развива историската наука.

За Македонија е погубно тоа што носители на разни општествено одговорни функции, поради лични, партиски и клиентелистички интереси, во име на ЕУ-интеграцијата им го отстапија на надворешните чинители, а пред сѐ, на Грција и на Бугарија регулирањето на македонските прашања, поврзани со идентитетот и историјата.“

Прифаќање на името Македонија во ОН и во сите меѓудржавни односи, според правилата и практиката, што важат за сите држави членки на ОН

Претседателот на МАНУ во натамошниот дел од излагањето ги потсети сите граѓани на Македонија, вклучувајќи ги и членовите на МАНУ, дека во 2002 година МАНУ се залагаше за: „Прифаќање во ОН и во сите меѓудржавни односи на единственото име Република Македонија (како нејзино формално име) и Македонија (како нејзино кратко име), според правилата и практиката што важат за сите држави членки на ОН“!

До 2018 година заложбите на МАНУ беа почитувани од повеќе од 130 држави-членки на ОН, меѓу кои десетте најмногубројни држави на планетата Земја, вклучувајќи ги Кина, Индија, САД и Русија. Така, до 2018 година, повеќе од шест милијарди жители на планетата Земја ја ословуваа Македонија, користејќи го нејзиното уставно и единствено име Република Македонија. – посочи Коцарев.

Тој постави прашање: Зошто, како и кога од научна институција, што ги поддржува предлозите за признавање и обезбедување на правата на македонското национално малцинство во Грција, Бугарија и АлбанијаМАНУ се претвори во ненаучна и сервилна институција, што ги поддржува договорите со Грција и со Бугарија, со кои се негира постоењето на македонскиот народ, македонскиот јазик, македонската историја и на македонскиот идентитет, не само во Грција и во Бугарија туку и во Македонија?“

„Македонија може и треба самата да се избори за својата подобра иднина!“

Првиот човек на Македонската академија на науки и уметности во своето излагање по повод денот на МАНУ ги изнесе следните свои ставови околу евроинтеграцијата: Македонија сѐ уште не е подготвена да стане полноправна членка на ЕУ, но нема ниту Унијата демократски капацитет да ја прими Македонија во нејзините редови. ЕУ направи премногу преседани токму кон Македонија, измислувајќи голем број нелогични, недостоинствени и недемократски предлози.“

„Ние со право можеме да се прашаме: дали проблемите што ги има ЕУ се, всушност, поголеми од сите проблеми што Македонија ги има како држава и општество? Длабоко сум убеден дека единствен излез за Македонија е таа да заборави во моментов на безнадежниот и лажен ЕУ-сон и да се сврти кон себеси. Македонија може и треба сама да се избори за својата подобра иднина. Предлагам и се залагам Македонија да биде дел од Европската Унија, но пристапот во кој доминираат понизноста, сервилноста, недостоинственоста, па дури и нечовечноста, што тековната Влада го избрала како единствен пат за пристапување во ЕУ, е погрешен и срамен. Затоа треба да се напушти веднаш.“

Коцарев во своето излагање им се обрати на, како што кажа, „македонските политичари: леви, во центарот, десни, сегашни и идни властодршци“, со следните прашања и ставови: „Дали во Република Бугарија и во Република Грција живееле и денес живеат Македонци? Постојат голем број сведоштва, искази, документи и научни аргументи што покажуваат дека одговорот на ова прашање е потврден, па, оттука, сите договори, со кои се негира постоењето на Македонците во Пирин и во Егеј, се неправедни и нечовечни.“

 „Дали знаете кога Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ? И на ова прашање одговорот го знаат сите, меѓутоа манипулациите на власта во врска со ова прашање се огромни: не тогаш кога ќе почнат преговорите, не тогаш кога ќе се потпише Договорот за пристапување во ЕУ, туку тогаш кога потпишаниот Договор ќе биде ратификуван во собранијата на сите ЕУ-членки, па, така, и во Собранието на Бугарија.“

Имајќи ја предвид Декларацијата усвоена во Бугарското народно собрание во 2019 година, Македонија ќе биде дел од ЕУ само тогаш кога ние ќе признаеме дека не сме Македонци, поточно дека до 1945 година Македонците биле Бугари, што значи дека Македонија и Македонците се производ, конструкција, комунистичка (или Титова) творба. Меѓутоа, Македонците ниту биле, ниту ќе бидат Бугари.“

„Затоа прво што треба оваа Влада, и сите идни Влади, да го стори, односно да го сторат, е гласно и јасно да се каже НЕ: светите браќа Кирил и Методиј не се бугарски просветители, туку се сесловенски. Македонија и Бугарија немаат заедничка историја, ревидирање на историјата по терк на нашите соседи, условено со ништовни договори, нема никогаш да дозволиме, а македонскиот јазик има просторен и милениумски континуитет и се разликува од бугарскиот.

„Предизвикот за Македонија во менталната/духовната сфера“

Предизвиците со кои денес се соочува Македонија се големи и разнородни, но во излагањето претседателот на МАНУ Коцарев се осврна и на предизвикот во менталната/духовната сфера: „Тој предизвик се однесува на сфаќањето на дел од македонските политичари, интелектуалци и граѓани дека нам ни треба некој однадвор за да се воспостави ред и владеење на правото, за да се применат демократските принципи внатре, во државата. Со други зборови, ние, Македонците, не можеме или не сме способни да управуваме, да градиме, да владееме.“

„Во песната ‘А бре, Македонче’, инаку химна на партизанското движење во Македонија, авторите Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски-Оцка го користат деминутивот Македонче, за да посочат дека Македонија до 1941 година (песната е создадена во периодот меѓу 23 октомври и 8 ноември 1941 година) е ‘поробена земја’. Преку зборовите: ‘Момци наредени, моми накитени, борба ќе одат, борба за слобода’, авторите порачуваат дека ќе се оствари вековниот сон на Македонците: да живеат во сопствена држава, да бидат Македонци, а не Македончиња.“

„Дури и по 32 години независност дел од македонските политичари, интелектуалци и граѓани, останаа да бидат Македончиња, термин којшто во контекст на независна Македонија, според мое мислење, подразбира: сервилни подлизурковци, што својот светоглед го поистоветуваат со интереси од користољубивост.“