Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Љупчо Коцарев, „за македонцките работи“ во интервју за Сител.
„Барањето Македонците да се откажат од името Македонија или од придавката македонски, или нејзино користење само во определен временски интервал – од 1945 година до денес и просторен домен – само во рамките на границите на денешна Македонија, на пример, во македонска нација, македонски јазик, Македонска академија на науките и уметностите по мое мислење е апсурдно и безмислено. Тоа е исто како, на пример, Германија да го оспори и државното, и националното, и јазичното име на својот сосед Франција, бидејќи знаеме дека називот Франк означува германска народност. Или државите, ќе спомнам неколку, Узбекистан, Казахстан и Азербејџан, на пример, официјално да побараат бугарскиот јазик да не се именува како бугарски, поради тоа што името Булгар е од турско потекло и првобитно означувал конкретна турска народност која говорела на еден од турските јазици, чиј современ изданок или потомок на тој изворен бугарски јазик е чувашкиот јазик, кој денес се зборува на Волга во Република Чувашија, која е во составот на Руската Федерација“, изјави тој.
„Македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните преданија, обичаи, колективната меморија, менталитетот, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почит кон традиционалните религиски институции и наративот за припадноста на одреден географски и историски простор“, нагласи Коцарев.
Првиот човек на МАНУ се заложи институцијата што ја води наскоро да направи научна анализа за Преспанскиот договор со Грција и за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.





