„Дали има право Бугарија, што му се спротивставува на македонскиот идентитет за Словените и за словенскиот јазик? Историски да, бидејќи античките Македонци беа Илири, а не Словени, и тие не зборуваа словенски.“ – тврди Елена Коцаќи, политички аналитичар, историчар-албанолог и професор во Универзитетот „Александар Мојсиу“ во Драч, Албанија, во својата колумна со наслов „Само Албанците се Македонци“, која ја објави информативната агенција на албански јазик ИНА.
Оваа колумна на оваа историчарка-албанолог уследува откако пред пет дена албанскиот премиер Еди Рама по заедничката седница на владите на Албанија и Косово соопшти дека „академиите на науки на Албанија и Косово започнале со подготовките за пишување заедничка албанска енциклопедија, како силен демант на навредите од македонската енциклопедија, која ја искривува вистинската историја на Албанците“. Колумната на Коцаќи е само дел од навалицата „научни прилози“ најверојатно кон „заедничката албанска енциклопедија“, кои веќе зачестено се објавуваат во медиумите на албански јазик. Освен што содржат апсурдни ставови, далеку од каква било научна вистина, тие „научни прилози“ пласираат и бесмислици и тешки навреди кон македонскиот народ и македонскиот идентитет до рамниште на целосна негација на нивното постоење.
Елена Коцаќи во својата колумна пишува: „Албанците се единствениот етникум, кој од 15.век наваму е нарекуван Македонци, покрај Епирците. Ѓерѓ Кастриот, Меркур Буа и други самите себеси се нарекуваа Македонци и Епирци. Во Европа од 15. до 19.век кога ќе се се кажеше Македонец, тоа значеше Албанец.“
„Македонци во Македонија се само Албанците, но Албанците ова светло име им го препуштија на Словените.“
„Се случи голема несреќа: Словените ги презедоа нашите илирско имиња, а Албанците ги носат имињата на Словените (случајот на Косово и словенската топонимија).“
„Со илирските имиња Словените им ја преземаат и автохтонијата на Албанците, препуштајќи им ги ним словенските имиња, им го одземаат и античкото минато и им ја доведуваат во прашање иднината.“
„Нека научат албанската политика и албанскиот народ на кој начин Словените им го преземаат идентитетот, а заедно со него и народот и територијата.“
„Разбуди се, о Албанецу! Впери ги очите кон нашата историја, нашиот народ и нашата територија, со кои 200 години се прави пазар. Словените и фалсификуваниот грчки идентитет, кои се изградија врз албанскиот народ, ни ја презедоа историјата, а заедно со тоа ни ги украдоа и народот и нашите територии.“





