Книгата „Мојата борба“ на Хитлер се троши како алва во Македонија!

Автобиографското дело „Мојата борба“ на лидерот на нацистичка Германија, Адолф Хитлер, и понатаму побудува голем интерес кај читателската публика во Македонија, велат од издавачката куќа „Ѓурѓа“, која има продадено илјадници копии од книгата.



„Првото издание е од 2005 година и беше отпечатено во 1.000 примероци. Бидејќи беше продадено, беа отпечатени нови. Во 2011 година го објавивме во два тома, исто како и оригиналот. Двата беа во 1.000 примероци и беа продадени, па отпечативме повеќе“, изјави основачот на „Ѓурѓа“, Никола Костески, за порталот „Балкан инсајт“.

„Немам точен број на продадени копии, но таа сè уште е една од најбараните книги“, додава тој за „производот“ со цена од 300 денари, кој беше дел од понудата на „Ѓурѓа“ и на Саемот на книгата во Скопје од 3 до 9 мај, а може да се најде и по супермаркетите во државата.

„Секако дека не се согласуваме со Хитлер и во предговорот на книгата даваме негативни мислења за тоа. Но, за разлика од тоа, нема причина да не ја објавиме“, смета Костески.

Неговата издавачка куќа Ѓурѓи, исто така, објави и збирка говори од нацистичката пропаганда на Јозеф Гебелс, како и книга за Бенито Мусолини.