„Врз Албанците во скопското село Љуботен биле вршени убиства и репресии во континуитет од 1945 до 2001 година. Десетте жртви на полицискиот напад врз ова село во 2001 година станаа маченици во битката на Албанците очи в очи со државниот систем. Трагедијата на Љуботен беше цената на постигањето на Охридскиот договор“ – ова било речено на промоцијата на монографија и документарна емисија во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје, по повод 20-годишнината од настанот во споменатото село. Оваа информација под наслов „Промовирани книгата ‘Љуботен 2001’ и емисијата ‘Кога Љуботен гореше“ ја објави информативната агенција на албански јазик ИНА.
ИНА напиша: „Повод 20 – годишнината од масакрот врз селото Љуботен во Скопје во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје е промовирана книгата ‘Љуботен 2001’ на авторите Скендер Асани, Севдаил Демири и Зеќирија Ибраими, како и документарната емисија ‘Кога Љуботен гореше’, реализирана од Албанската радиотелевизија. ‘Трагедијата на Љуботен беше цената на постигањето на Охридскиот договор’ – рече д-р Скендер Асани, директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, кој зборуваше за континуитетот на убиствата и репресиите врз Албанците во селото Љуботен од 1945 до 2001 година.“
Агенцијата го цитира рецензентот д-р Нуридин Ахмети: „Луѓе од сите возрасти треба да ја имаат оваа книга во свои раце, не за да оживее омразата, туку за да се разјасни овој настан правилно, со цел да не се заборави. Она што се заборава создава опасност да се повтори’ – истакна во својот реферат д-р Нуридин Ахмети, историчар од Албанолошкиот институт од Приштина.“
„Врска со книгата вториот рецензент д-р Сефер Таири рече: ‘Полицискиот напад во Љуботен ќе се памети во историјата како дело против човештвото, бидејќи тој предизвика 10 жртви. Нивните имиња нема да исчезнат од паметењето на членовите на нивните семејства, ниту од сеќавањето на историјата. Оваа монографија ги донесува пред читателот овие луѓе, кои станаа маченици во битката на Албанците очи в очи со државниот систем.’ Беше емитувана и документарната емисија ‘Кога Љуботен гореше’, подготвена од Генц Имерај од продукцијата на Албанската радиотелевизија, која ги оживеа болните сеќавања на членовите на семејствата на жртвите, кои присуствуваа на оваа промоција.“ – се наведува во оваа информација на ИНА во врска со „масакрот врз Албанците при полицискиот напад врз Љуботен во 2001 година“






