Клуч на врата во неколку текстилни компании, 130 работници добија новогодишна честитка – останаа на улица. Причина намалена продуктивноста и пад на извозот. Според Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи и менаџер на познатата светиниколска конфекција „Мода“, годината што изминува е неповолна за текстилниот сектор. Намалување на договорите со странските партнери и намалување на бројот на вработени бележи текстилната индустрија. Димитров посочува дека причина за намалување на склучените договори со странските партнери е економската криза во нивните земји, особено во Германија, којашто е еден од најголемите трговски партнери на државава. Посочува дека во моментот се затвараат помали текстилни конфекции, кои досега земале работа од поголемите, а кои, пак, имале сигурни договори со странските партнери.

- – По информациите што ги имам, во четири конфекции им е најавено на работниците дека по Нова година нема да можат да продолжат со работат. Една од нив е малку поголема, а останатите три се помали конфекции, вели Димитров.
За два месеци клуч на врата во четири текстилни компании во Штип, поради што 130 работници во пресрет на новогодишните празници останаа без работа. Причина за затварањето е немањето на налози, а странските партнери поради евтината работна сила, своето производство го префрлиле на Блискиот Исток. Најголем дел од работниците потпишале спогодба, а само осум работнички не потпишале ништо. За нив се води постапка за да остварат право на испратнина согласно нивниот работен стаж.

- – „Само во едната компанија, скоро 80%потпишаа спогодба, за останатите ние ја следиме постапката и ќе бараме да се исплати испратнина и се она што им следува на работниците, односно К-15, плата, деновите од годишниот одмор. Треба се да биде чисто за тие да си поднесат ликвидација или стечај„ изјави Кристина Ампева од здружението Гласен текстилец.
Според Ампева, состојбата во текстилната гранка во моментот не е загрижувачка и засега нема најави за затварање на други конфекции во Штип или регионот. Сепак лон производството во неизвестност ги држи не само работниците, туку и работодавачите. Според анализите, бројот на работници во текстилната индустрија се движи околу 28.000. Најголем дел од нив се вработени во конфекции во Штип и источниот регион.





