Клиниката „Жан Митрев“ очекува јавен и транспарентен процес во кој ќе ја докаже невиноста во однос на сите обвинувања кон д-р Митрев и кон клиниката. Вистината е на наша страна, обвинението е целосно неосновано и тоа ќе го докажеме и институционално. Очекуваме брз и транспарентен процес на кој преку јасни и јавни информации, сведоштва и доказен материјал ќе се утврди вистината дека ниту еден пациент не бил измамен, соопшти клиниката по денешното соопштение во кое се вели дека на Основниот кривичен суд Скопје го прифатил обвинителниот акт по кој ќе му се суди на лекарот и неговата клиника. По предметот ќе постапува судијката Лидија Петровска.
„За време на ковид пандемијата нашата клиника и нашиот персонал одиграа херојска улога, а овој срам и напади што ги доживуваме нека им служат на чест на нарачателите. Хемофилтрацијата како метод ја користевме за лекување на последици од ковид, но не и како лек за ковид. Бесмислени се наводите на ЈО во обвинителниот акт.
Уште еднаш потенцираме дека Клиниката и во најтешките периоди работеше според сите меѓународни стандарди, транспарентно и во согласност со утврдени и дозволени методи за лекување. Сѐ ова ќе го докажеме и на суд, а сметаме дека јавноста целосно нѐ поддржува“, се вели во реакцијата на клиниката „Жан Митрев“.







