„Западните варвари извршија идентитетска ликвидација на Македонците, но тие и натаму преживуваат со ора и песни, со свадби и крштевки. Македонците нема да исчезнат, бидејќи се составени од частичките на воскресението. Македонците живееле и сега живеат и по сите сопствени и светски катастрофи, а нивното сонце блеска во ‘силно светнатиот ден’ на нивниот Кочо Рацин.“ – порачува Ефтим Клетников, македонски поет, книжевен и ликовен критичар, есеист и преведувач, во својата колумна со наслов „Дали е можна поезијата по идентитетскиот геноцид врз Македонците?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, Клетников пишува: Германскиот филозоф Адорно има кажано дека „е варварство да се пишува поезија по Аушвиц“. Но, дури и по Аушвиц пишувањето поезија никако не може да биде варварство. Поетите и филозофите никогаш не би го прогласиле пишувањето поезија како варварство ниту по бомбардирањето со напалм-бомби од англиските бомбардери, кои ги убиваа македонските деца во Егејска Македонија.
Не би ја прогласиле поезијата како варварство ни по идентитетското убиство на Македонците од западните варвари во Преспа 2018. Оттогаш наваму се прашувам во јанѕа дали е можно да се пишува поезија во Македонија, во „столченото племе“, ставено во идентитетска смрт, но сепак пишувам.
Западните, сега софистицирани варвари извршија идентитетска ликвидација на Македонците, суров идентитетски геноцид врз нив. Но Македонците и натаму преживуваат со ора и песни, свадби и крштевки. Но, читателу, не плаши се. Биди во срцето како Јане Сандански, архетипот на македонското херојство. Нема да исчезнеме, оти сме составени од частичките на воскресението, тоа што не го знаат западните и балканските сатрапи, кои нè ништат.
Ако чуеш негде, макар и во најзапустеното македонско село да чукнат тапани, појди на свадба, играј, пеј и благослови ја Невестата да го зачне првата брачна ноќ Јунакот, што ќе го крене божјиот раст на обновеното македонско племе, столчено од оваа крајно сурова цивилизација. Оти Македонците и по сите сопствени и светски катастрофи (нешто што не е сфатливо за еден Европеец) живееле и сега живеат, додека сонцето блеска во „силно светнатиот ден“ на нашиот Рацин. Затоа и апостол Павле во неговите посланија до Македонците, кои ги сметаше како најбогоугоден народ и како архетип на христијаните, велеше дека со нив ќе се пофали пред Господ, со народот што е „избран за спасение на светот“.





