Клетников: Само катастрофа, за да излеземе на површина како и асномските партизани, е спас од идентитетската смрт на Македонците!

„Нема менување на новата рамка-менгеме, што ги стега Македонците како нова направа за мачење на инквизициска Европа. Европа има консензус за целосна идентитетска ликвидација на Македонците.“ – вели Ефтим Клетников, книжевен деец и претседател на Здружението „Македонски манифест“, во својата колумна со наслов „Европскиот консензус за идентитетска ликвидација на Македонците“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Покрај другото, во колумната Клетников пишува: Да не се залажуваме со онаа претпоставка на разузнавачот-политичар Павле Трајанов дека француската рамка, со која нѐ дават до последниот здив, е конструирана во Мала Речица со Али и четириесетте разбојници и високи бугарски политички франкенштајни. Не. Можеби имало такво нешто како дел од планот за идентитетско демолирање на Македонците, но сепак таа рамка е француска, што значи европска. Да не е така, стопати ќе реагираше француската амбасада во Скопје, па и Брисел. Но така е. Оти тој европски консензус да ги снема Македонците од мемориската карта на светот и не е од вчера.

Тој е во активна реализација во етапи веќе повеќе од едно столетие, почнувајќи од Букурешт 1913 и стасувајќи до грчкоевропската гробница за Македонците, стокмена по толку долг напорен еврогрчки труд во Преспа, во јуни 2018. Но тоа не е крајот. Сега со француската рамка се копа, можеби подлабока и од грчката, втората идентитетска гробница за нас – бугароевропска, можеби подлабока и од грчката идентитетска гробница. За грчката гробарските лопати од македонска страна ги држеа Заев и Димитров, а сега за бугарската за главен македонски гробар се одбрани сијамскиот близнак на Заев, Ковачевски, и уште некои како него. Али и четириесетте разбојници се планирани само како елитни припадници на погребната поворка. Ништо повеќе.

Мексиканците си го одгледуваат култот кон цивилизацијата на Ацтеките –  далечните предци на нивната идентитетска генеза. А што стана со нас? Фудбалскиот стадион во Скопје што се викаше „Филип Втори“ стана „Тоше Проевски“. Потоа го снема и името на нашиот аеродром „Александар Македонски“, како и автопатот на југ со истото име, кој го крстивме „Пат на пријателството“, што води кон нашите гробарски пријатели. Кај нас ги снема и Македонија, и Филип, и Александар, за да се појават кај нив. Така  Северна Грција стана * Македонија од 1988 наваму, а аеродромот во Атина „Александар Македонски“. А сето тоа е резултат на евроамериканскиот консензус да ги снема Македонците од мемориската карта на светот.

Зарем е случајно тоа што Американецот Габриел Ескобар рече дека во Македонија живеат Албанци и некое православно население без генерички идентитет? Дали е тоа намерна грешка што ни сигнализира да се помириме со фактот дека сме идентитетски мртовци? Другиот Американец О’Брајан неодамна ни сугерираше да гласаме на изборите за „проевропците“ на Ковачевски и неговата одродничка клапа. За партијата на Македонците што под негова капа, а пред тоа и под капата на Заев покажа неверојатен нацифашистички капацитет за идентитетска ликвидација на сопствениот народ под консензуална директива на Брисел и на Вашингтон.

Македонците немаат право на сопствена идентитетска генеза. Тоа е консензусот на западните „браќа“. Нив не ги интересираат автентичните идентитетски патишта на меморијата кај еден народ или племе, дека, на пример, Грците немаат ни една елементарна песна за Александар Македонски, а Македонците имаат една цела дебела книга. Грците имаат песни и легенди за нивните антички јунаци, Леонидас Спартанецот и Темистокле Атињанинот, но не и за Македонецот Александар, кој, за нивна несреќа, и за несреќа на Европа, што го погрчува, го носи и презимето Македонски, а не Грчки.

Како крунски резултат на цивилизацискиот западен консензус за наша преобразба во безидентитетски мртовци еве ја сега операцијата со нацифашистички мирис на менување на личните документи. Еве нѐ, пак сме во ултрацрвена фаза и прашањето е: кој е излезот? Одговорот е: катастрофа! Само од катастрофа, и тоа голема можеме да излеземе на површина, како што излегоа од неа асномските партизани. Европа по своја вина имаше две големи светски катастрофи, а ја довикува и третата, како што стојат работите.