„Европскиот фашизам нас, Македонците нè истретира како Хитлер Евреите во логорите на смртта. Нè третира и натаму така, откако нè стави во гробница во Преспа 2018. Тоа беше европската грчка гробница стокмена за нас, а сега се копа пак со лопатите на нашите квислинзи во Владата и европската бугарска гробница.“ – вели Ефтим Клетников. македонски поет, книжевен и ликовен критичар, есеист и преведувач, во својата колумна со наслов „Македонците – нови Евреи во Европа“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Натаму, покрај другото, Клетников пишува: Подготвувањето на смртта на еден цел народ од страна на моќните колонизаторски нации на Западот е поврзано со нацифашистичкиот инцидент на Европското ракометно првенство на натпреварот меѓу Македонија и Германија во Берлин. Таму на македонските навивачи на влезот од ракометната арена им беше одземено знамето со шеснаесетзрачното сонце, архетипски симбол на македонската душа уште од античко време. Знамето со кое Александар стигнал до Индија на исток и до египетските пирамиди и Халдеја на југ.
Така, во Берлин на Македонците им беше одземена со знамето-архетип и душата. Со него, како знак на препознавање за нивно ништење, тие се обележани слично како Евреите со Давидовата ѕвезда од страна на Хитлер во Втората светска војна. Тоа што се случи во Берлин е гнасен цивилизациски скандал. Македонците се гонат како ѕверови во оваа безбожна цивилизација, безмалку слично како што ги гонеше во античко време христијаните Нерон во Рим, чиј легитимен наследник според цивилизациската суровост денес е колонијалистичка Европа. Новиот европски фашизам кон нас почнувајќи од 1913 година наваму се повторува во циклуси.
Зарем можеме да очекуваме од нашите квислиншки политичари во владата и власта, од сите заевоковачепендаровци да реагираат за бруталниот цивилизациски идентитет во Берлин? Како ќе го сторат тоа кога и самите им го забрануваат тоа сонце на Македонците? Па тие, наместо да реагираат на берлинскиот нацифашистички настан, него веројатно го земаат како потврда на својата демек европска политика. Тие ја знаат само Европа на Урсула Лаен, на Олаф Шолц, Макрон, на Јоханес Хан со неговите „балкански методи“ и сличните несреќни европски пробисвети, што го тероризираат Западниот Балкан, кој е сега нивна и американска колонија.
Берлинскиот настан со македонското знаме се вклопува во средишната линија на темата, на понижувањето на помалите и послабите од страна на големите и моќните. Во случајот со западните колонизаторски нации, сега Македонците се најмногу на удар, оти во Европа, која се фали пред целиот свет со својата „демократија“ и „хуманизам“, се случува идентитетски геноцид само врз еден народ во неа, врз македонскиот.
Примерот со одземањето на генеричкото македонско знаме од македонските навивачи на Европското ракометно првенство во Берлин го потврдува тоа што мисли Западна Европа за еден за неа безимен народ, дека е тоа, според нив, народ на идентитетски мртовци без сопствена генеза и културно-цивилизациски печат. Но, ова ја деградира Европа како цивилизација, ако се свесни бриселските политичари. Македонското генеричко знаме со Сонцето од Кутлеш сепак се вееше на натпревари во другите европски земји.
Сега Германија е првиот драстичен случај на негово брутално одземање од македонските навивачи, што е еднакво на корнење на нивното срце. Дали со тој чин не се буди пак, како што би рекол Јунг, темната сенка во германската душа, која во Втората светска војна исплови на површина со знамето со кукаст крст?





