„Постојат повеќе основи за реакција на македонската извршна и судска власт по повод пишаните и искажани зборови, со кои бугарските политичари флагрантно ги прекршија Уставот и законите во Македонија, демонстрирајќи фашизам на отворена сцена и загрозувајќи ги територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија. Аналитичарите се категорични дека владеењето на правото не смее да биде доведено во прашање и неопходна е итна и неодложна акција на македонското правосудство за заштита на Уставот и законите во државата.“ – вели Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „На потег извршната и судската власт“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„По бугарското демонстрирање фашизам среде Македонија“
Павловска пишува: „Дводневната посета во Македонија на бугарската делегација, составена од високи државни претставници од тамошната власт и опозиција, со искористениот повод – отворање клуб во Битола, финансиран од бугарската влада, со името на контроверзниот историски лик Ванчо Михајлов, предизвика бура од реакции, прашања и осуди во македонската јавност. Отворено негирајќи го постоењето на Македонците во Бугарија, потпретседателката на оваа земја Јотова порача дека дури и да бидат внесени Бугарите во македонскиот устав (според барањата 4+1), нема да биде повлечено бугарското вето за македонските евроинтеграции сѐ додека не се исполнат сите барања наведени во Декларацијата на бугарското Собрание. Повторно беше истакнато дека Бугарија нема да отстапи од ‘своите национални интереси’ во Македонија.“
„Дали извршната власт има инструменти и одговорност да реагира со конкретни правни мерки за изразените ставови, кои го слават фашизмот, но и да одговори на отворено искажаните аспирации за асимилација на македонскиот народ и територијални претензии спрема Македонија од страна на високи бугарски претставници?’
„Именувањето на клубот во Битола со името на Ванчо Михајлов е провокативна промоција на неговиот лик и дело на исто рамниште како што би била промоцијата на Адолф Хитлер. Постојат повеќе правни основи за реакција на македонската извршна и законодавна власт за наводите во соопштението од бугарскиот културен центар од Битола, во кои отворено се велича фашизмот и се имплицира загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија, преку споредбите со ситуацијата во Донбас, во Украина. Но, досегашната реакција на извршната и законодавната власт укажува дека повторно ќе се направи релативизација на проблемот и дефокусирање од докажано негативната историска улога на ликот и делото на Ванчо Михајлов.“ – вели политичкиот аналитичар Сашо Клековски од Македонскиот центар за меѓународна соработка.“
„Професорката Солза Грчева, претседателка на партијата Глас за Македонија, е категорична дека македонската влада треба да испрати протестна нота до Бугарија, поради сите искажани изјави на македонска територија од високите претставници на бугарската власт, што имплицираат на фашизам, но и отворени национални и територијални аспирации. По сите изјави дека дека Бугарија нема да го повлече ветото, додека не бидат исполнети сите услови од Декларацијата на нивното собрание, сите преговори и евентуално произлезени нови договори се бесмислени. Македонија мора да ги прекине преговорите со Бугарија и да се преиспита кон каква ЕУ целиме.’ – вели Солза Грчева.“
„Секое релативизирање на фашизмот е проблематично. Иако Македонија е антифашистичка земја, со законска регулатива што го забранува величањето на фашизмот, очигледно имаме проблем со справувањето со обидите за подметнување и релативизирање на ликовите со докажана фашистичка улога во историјата, поради политички опортунизам. Во таков контекст е и постоењето на споменикот на Џемо Мефаил во Гостивар, исто докажан фашистички соработник.’ – нагласува Клековски.“
Интернет-врска до целата анализа:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/na-poteg-izvrshnata-i-sudskata-vlast/





