Клековски: По Заев нов почеток – ако „дај ново дете“ е замајување, нема да трае долго

„Повлекувањето на Заев е можност за нов почеток! Но, ако ‘дај ново дете’ е замајување, тогаш тоа нема а трае долго.“ – вели политичкиот аналитичар Сашо Клековски во својата колумна со наслов „Две илјади дваесет и прва – има ли крај на разочараноста?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Покрај другото, Клековски пишува: „Што да се каже за 2021 година, а да не е темно, депресивно, разочарано? Како да ја заклучиме оваа година поинаку, понадежно, мотивирачки? За претходната година кажавме 2020-та оди си и не повторувај се! Ние во Македонија сме имале тешки периоди, сме поминале низ распад, блокади, ембарга, војни. И не е до тежината, туку има сѐ помалку надеж дека ќе биде подобро.“

„Пандемијата и блокадите на ЕУ-членството ги трошат последните резерви надеж. Таа пуста ЕУ, мамка што нашите политичари ја употребуваат за одржување на нашата надеж во транзицискиот маратон, ја губи својата мотивациска моќ. Политичарите продолжуваат со зголемување на поларизацијата, во нови меѓусебни јазови, со поттикнување злоба, завист, омраза на секој кон секого. Разочараноста се покажа на локалните избори, кога граѓаните се одлучија да не ги поддржат СДСМ и Зоран Заев.“

„Рано е за оцена дали оставката на Зоран Заев е знак на свесност дека политичкиот систем заснован на клиентелизам е потрошен. Но, ако мерката ‘дај ново дете’ е замајување, тогаш тоа нема да трае многу. Секако, повлекувањето на Зоран Заев е можност за нов почеток! Можеби тоа е тоа поинаку, понадежно, мотивирачки, што ни треба на крајот на една и почетокот на нова година!“

Интернет – врска до целата колумна:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/dve-iljadi-dvaeset-i-prva-ima-li-kraj-na-razocharanosta/