„Нова година, можност за нова надеж, за нов почеток, за оптимизам, толку насушно потребен. Но власта на ДУИ – СДСМ, која реди веќе по три скандали за еден ден, најсилно работи да ја уништи таа надеж. Власта на ДУИ – СДСМ, особено ДУИ, ќе прават многу зулум до избори, само да останат на власт и да избегнат одговорност, не политичка, туку за сторениот криминал и корупција. Затоа ќе мора секој граѓанин и целото општество да се мобилизираат, за да ги поразат ДУИ – СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ мора да се посвети кон демонтирањето на овој криминален патрон-клиентелистички систем! Или ние ќе го поразиме овој систем, или тој ќе нѐ порази нас и Македонија!“ – нагласува политичкиот аналитичар Сашо Клековски во својата колумна со наслов „Каков распад од невидена неспособност!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Клековски пишува: Нова година, можност за нова надеж, за нов почеток, за оптимизам, толку насушно потребен. Но власта на ДУИ – СДСМ најсилно работи да ја уништи таа надеж. Напорно е веќе да се мисли, да се пишува за скандалите на оваа власт. Некој рече од секој скандал за три дена e доста, а сега имаме по три скандали во еден ден.
Еве, последните случувања во македонската навигација М-НАВ. Не беше доволен обидот да се протуркаат непособни и неквалификувани партиски кадри. Тука нагласката не е на партиски, туку на неквалификувани. Да не се лажеме дека во М-НАВ, или во која било јавна институција со високи плати, е можно некој да се вработи, а да нема партиска препорака, или барем партиско неспротивставување. Ај што запнаа да ги вработат некадарниве на експрес-конкурс, туку решија да вршат притисок врз синдикатот и да ја стават полицијата во партиска функција со повикување на синдикалниот лидер на распит.
Да беше ВМРО-ДПМНЕ наместо ДУИ – СДСМ, само ова ќе беше доволно за жестоки реакции на сите можни организации за човекови права. Ама кога, наводно, левичарската СДСМ со полна уста за работници и работнички права го влечка синдикалниот лидер во полиција тоа е оправдана постапка. И тоа не е доволно, па упаднаа во контролата на летови и физички нападнаа контролори на работа. И така стигнавме до „кошкање“ како нов синоним за „пајакот“ и ако сакате за „шамари не се кривично дело“.
И тоа не е сѐ! Кога мислите дека неспособноста на ДУИ – СДСМ го достигнала врвот, во моментот кога треба да поентираат со разрешување на директорите на М-НАВ, тие пак покажуваат дека може да постигнат нови димензии на невидена неспособност: избираат директор, кој не ги исполнува законските услови! Последново да ти било грешка на стручните служби. Секако дека е грешка на стручните служби, не треба премиерот да знае кои се законските услови, но ресорниот министер за транспорт треба да знае. А како да знаат стручните служби кога ДУИ – СДСМ имаат напикано неспособни кадри.
Овој распад што го гледаме на секој чекор е резултат на спиралата на неспособност и нелегитимност. Поради општата претстава во јавноста за својата неспособност, би додал и својата неработливост, СДСМ тешко успева да победи на избори, да го победи ВМРО-ДПМНЕ. Со спорна легитимност, особено по локалните избори, СДСМ владее со сила, што уште повеќе ја покажува неспособноста. Соочувањето со неизбежниот крај отвора спирала на безочно крадење, криминал и корупција. ДУИ докрај претпочиташе власт со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи повеќе сакаше да „паразитира“ на успешна власт, отколку да ја има целата власт со неспособната СДСМ.
Ова спирала започна со нелегитимниот избор на Талат Џафери како претседател на Собранието. Никола Груевски правеше сѐ што е можно да го попречи тоа. Кога помина тоа следуваа низа решавања на работите на „балкански начин“, јасно охрабрени од Западот – ЕУ и САД. Усвојувањето на измените на Уставот, поради Преспанскиот договор, со поткупи и криминал ја доотвори Пандорината кутија и го продолжи натамошното уривање на владеењето на правото.
Повеќето големи скандали потоа се резултат на таа спирала на неспособност и нелегитимност, што водат кон кршење на законите и корупција. „Бехтел и Енка“ е класичен пример за претходно споменатото. Зошто? Оваа власт на ДУИ – СДСМ нема капацитет за два километри да изгради, а камоли 200 километри. Оваа власт нема капацитет да ги подготви проектните идеи, проектите, да направи соодветен тендер, да организира експропријација. Затоа се избира „Бехтел и Енка“ без тендер, затоа нема кредитна поддршка ниту од ЕУ ниту од САД. Сите други делници се изградени, или се градат со кредитна поддршка. Но затоа има авансни префрлања стотици милиони евра и отворен простор за касапница од корупција.
Скандалите во јавното обвинителство и на сите рамништа и во сите сектори во правосудството и контролни тела се поврзани со неспособноста и нелегитимноста и касапница-корупцијата. Кога сте неспособни и кршењето закони и корупцијата се видливи од голема далечина, потребни се јавното обвинителството и правосудството под контрола на ДУИ – СДСМ за тоа што е јасно и видливо за сите нас да не биде видливо за јавното обвинителството и правосудството.
Кога способните не сакаат да бидат дел и да бидат соучесници во криминал, мора да се регрутираат или членови на семејството. или неспособни кадри. Па потоа се произведуваат кадри за судии и обвинители, кои немаат соодветно дипломирано. Како што туркаат кадри во М-НАВ, што не можат да ги положат приемните тестови, сега истото тоа се подготвува и во Академијата за судии и јавни обвинители. Владата носи заклучок приемниот испит да не се полага електронски, бидејќи го нема Рашковски да манипулира со софтверот, туку писмено. Владата со заклучок одлучува да крши закон! За да можат да напикаат неспособни, кои утре ќе бидат судии и јавни обвинители и ќе ги штитат сегашните власти од кривично гонење.
ДУИ – СДСМ, особено ДУИ, ќе прават многу зулум до избори, само да останат на власт и да избегнат одговорност, не политичка, туку за сторениот криминал и корупција. Секој граѓанин и целото општество мора да се мобилизираат за да ги поразат ДУИ – СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ мора јасно да се огради, не од ДУИ – СДСМ, туку од овој криминален патрон-клиентелистички систем и да се посвети да го демонтира! Или ние ќе го поразиме овој криминален патрон-клиентелистички систем, или тој ќе нѐ порази нас и Македонија!





