Кларк: Ние ѝ помагаме на Украина да искрвари

Пензионираниот американски генерал Весли Кларк, на јавноста од регионот најпознат по командувањето со „хуманитарната интервенција“ на НАТО во косовската војна, кога сојузниците ја бомбардираа тогашна СР Југославија од 24 март до 10 јуни 1999 година, ја критикува недоволната поддршка од САД за Украина против Русија.



„Ако се префрлиме на воена терминологија, ја раскрваруваме Украина. Тие трпат загуби, губат критична инфраструктура, енергија, нивните индустриски капацитети. И тие ја губат својата економска основа како национална држава, а ние им помагаме да искрварат“, рече командантот на силите на НАТО во Европа од 1997 до 2000 година на вебинарот на Фондацијата „САД – Украина“.

„Во меѓувреме, Русите ја менуваат природата на конфликтот. Тие прават посериозни одбранбени напори. Односно, природата на непријателствата се менува“, додаде тој.

Кларк ги критикуваше изјавите на американската команда дека Украинците ќе научат да војуваат со недостиг од артилерија за сметка на тактиката, бидејќи „ова е артилериска војна“ и повеќе не е можно да се заобиколат утврдувањата изградени од руските трупи – насипи, ровови или „змејски заби“.

„Ова повеќе не е отворено бојно поле како минатото лето, што значи дека е потребна многу поголема огнена моќ. Повеќе бомбардери, баражна муниција, удари со долг дострел“, рече Кларк.

Според него, американската влада нема ниту еден одговорен за воениот успех во Украина. Исто така, нема офицери „на терен“ кои би можеле да пријават проблеми до Пентагон. Ниту на американската команда во Европа не ѝ се поставени задачи.

Поранешниот генерал, исто така, рече дека спротивставувањето на Кина е приоритет во стратегијата за национална безбедност на САД.

„Нашите интереси не се идентични со интересите на Украина. Претседателот Зеленски вели дека сака да ја врати назад целата територија… Сакаме да се стабилизираме, да ја намалиме шансата за конфликт Русија – НАТО со доволно поддршка на Украина за да не почне Трета светска војна и да се фокусираме на задржување на Кина“, објасни тој.

Но, според Кларк, „ако Украина загуби од Путин, тоа ќе го направи проблемот со Тајван нерешлив“.