Ќулавкова: Македонија ќе почне да функционира како апартхејд, а можеби и како неопротекторат

Ни сличностите, ни разликите меѓу јужнословенските народи не се причина за меѓусебна негација, наддавање и за политичко уценување. Тие само се злоупотребуваат од центри на моќ и од екстремните и примитивно националистички групации за поттикнување конфликти, за нарушување на пријателските односи, за говор на омраза… Сите учесници на вакви сценарија се потенцијално одговорни. Јас сум за добрососедство и дијалог врз начело на заемна почит. Сè друго е фактор на дестабилизација, вели академик Катица Ќулавкова во интервјуто за весникот ВЕЧЕР.



Унилатералната изјава за македонскиот јазик, која Македонија на првата политичка меѓувладина конференција ја достави до ЕУ, предизвика лавина негативни реакции во јавноста, а академската јавност побара повлекување. Но, последната вест е дека Владата нема да ја менува. Дали ова значи дека македонскиот јазик е затворено прашање?

Влада која не го уважува мислењето на стручната и експертска јавност, мислењето на пошироката јавност, како и општонародната волја изразена демократски со два референдума, всушност, се делегитимира историски самата себе, носејќи одлуки штетни по сопствените државно-национални интереси. Тука се поставува прашањето – чии интереси штити една влада ако не го почитува мислењето на мнозинството? Дали постои некое минорно малцинство со свои посебни интереси различни и спротивни на државно-националните, па таа ги штити нив? Дали ги штити интересите на некоја друга држава или на други држави? Дали се однесува како државата (Македонија) да е протекторат и колонија, па го слуша ултимативниот став на колонизаторот? Моќта на секоја демократска власт произлегува од народот, затоа таа треба да ги хармонизира и да ги балансира своите политики со определбите на народот, а не со партиите, оти народот не може да се сведе на владејачките партии.

Кај нас подолго време, веќе две децении постои длабок јаз меѓу општонародната волја, посебно волјата на Македонците во потесна етнокултурна смисла, но и на поголемиот дел македонски граѓани кои ја сочинуваат македонската современа нација. Тој јаз доживува своја кулминација последните неколку години. Начелно, проблемот произлегува од тоа што кај нас не се изгради консензус за самиот поим македонска нација во којашто ќе се вкрстат стратешките и приоритетни интереси на сите етницитети со оној на конститутивниот македонски народ. Со неконзистентните ревизии на Уставот создадовме услови за етницизација на општеството, на политичките партии, на државните институции и нивните стратегии, а со тоа создадовме систем на вредности кој се коси со општоцивилизациските и е генератор на преседани од гледна точка на конвенциите на ОН, па и на ЕУ. Промовиравме преседан кога го усвоивме т.н. Бадентеров принцип и закон, според којшто малцинските етнички заедници се привилегирани во однос на мнозинскиот и конститутивен македонски народ. Еве и овој пат, наместо да се примени, во најмала рака, законската можност за двојно гласање, она на вкупниот состав и другото, на македонскиот дел од парламентарниот состав, и да се покаже недвосмислено волјата на македонските пратеници по однос на македонските идентитетски прашања, таа волја иако неспорна, сепак не беше испочитувана, па е донесена одлука која не ги изразува ниту ги штити националните, културни, јазични, образовни и др. права на Македонците. Тоа се оствари со помош на гласовите на пратеници кои не се етнички Македонци и кои се индиферентни спрема македонските идентитетски права.

Полека-полека, нашава држава ќе почне да функционира како апартхејд, а сега се отвора и можноста да функционира како еден вид неопротекторат. Сето тоа е, се разбира, спакувано свечено во една празна, вакантна реторика, која отстапува од вообичаените стандарди на евроинтеграцискиот образец.

И што може сега да се направи, има ли надеж да се поправи искривената слика?

Некои одлуки се неповратни, некои може да се ревидираат и да се вратат на нормален колосек. Треба да се искористат сите демократски методи за да престанеме да бидеме експериментална држава која повеќе се третира како територија одошто како стабилна и перспективна држава, а со тоа да престанеме самите да се дискредитираме и да се дискриминираме, како регионално, така и европски.

Надежта ми е поттикната од фактот дека масовните протести против непристојниот предлог, предлог кој ни понуди прикриено вето и ги легитимираше опасните орвелијански и хегемонистички барања на источниот сосед, немаа етнички признак, немаа ни класен признак, немаа ни партиски признак, туку ги обедини сите слободоумни граѓани лојални на државно-националниот интерес на Македонија и свесни за важноста на суверенитетот. Се случи еден културен бунт на граѓаните и едно духовно востание кое создаде критична маса свесна за непринципиелноста на т.н. француски предлог кој е реплика на бугарските рамковни позиции во врска со Македонија.

Едно ќе подвлечам, можеби некој е задоволен од ваквата политичка одлука, можеби некој ликува и се чувствува победнички, но во суштина со овој предлог се отвори де факто балканската Пандорина кутија и во прашање е доведен мирољубивиот и пријателски однос што го градевме неколку децении по Втората светска војна со Бугарија, а со тоа се поткопува востановениот политички и културен баланс и мир во регионот. Само со принципиелен и добронамерен дијалог со Бугарија можно е да се изградат добри меѓунационални и меѓудржавни односи.

Целиот разговор на следниот линк:

ИНТЕРВЈУ, АКАДЕМИК КАТИЦА ЌУЛАВКОВА: Македонија ќе почне да функционира како апартхејд, а можеби и како неопротекторат