„Од врвот си патиме“, заклучува академик Катица Ќулавкова во својата кратка, но конкретна вивисекција на однесувањето на политичкиот/државниот врв во поглед на националниот интерес на Македонија.
„Според однесувањето на политичкиот врв, испаѓа дека Македонија нема свој национален интерес, туку се жртвува за заштита на националните интереси на соседите и пошироко. Ниту ја почитува референдумската волја на мнозинството Македонци, ниту се грижи за македонското малцинство во соседните и другите држави, ниту побара осуда на геноцидот над Македонците во Егејска Македонија, ниту побара извинување за окупацијата 1941-1944, ниту ги заштити своите древни топоними, ни својата историја, ни својата сувереност, ни своите бранители, ниту се пожали што Бугарија изнудува изјава за бугарско потекло и идентитет на Македонците кои бараат бугарски пасош, сето тоа во име на некакви утописки европски вредности! Сега и туѓи војски непречено можат да престојуваат на македонска територија, и на туѓи граѓани Македонија им обезбедува домови, и својата историја сама си ја фалсификува, со помош на државниот врв… Од врвот си патиме“, констатира на Фејсбук членот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).






