Ќулафкова: Уставот не смее да се менува заради бугарските барања и албанските амбиции за федерализација! – Се оди кон апартхејд!

„Не смеат да се случат измени на македонскиот устав само заради бугарските барања и албанските амбиции за федерализација на Македонија. Отворањето на Уставот за внесување на Бугарите во преамбулата е отворање и на можноста за сите барања, кои сѐ погласно се искажуваат од претставниците на албанскиот политички блок. Тоа се покажа и со воведувањето балансер (врамнотежувач) и Бадентеровото мнозинство како критериум за некаква правична етничка застапеност. Стигнавме до неприродна нерамнотежа, што води до апартхејд. Потисната е државотворната димензија на мнозинскиот македонски народ во Уставот и секојдневниот живот. Сите овие идеи за менување на македонскиот устав и редефинирање на уставноправниот систем се дел од хибридна војна на штета на Македонците.“ – вели академик Катица Ќулавкова за анализата под наслов „Што содржи Пандорината кутија на Таравари?“ на новинарката Јасминка Павловска, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Албанскиот чинител го урива Охридскиот рамковен договор, затоа што сега и тој му стана „тесна кожа“

Дел од барањата на албанскиот чинител во Македонија неодамна ги повтори Арбен Таравари, лидерот на Алијанса за Албанците. Тој кажа дека „Пандорината кутија со албанските барања ќе се отвори, ако не се промени Уставот и ако Македонија се одвои од Албанија на патот кон ЕУ“. Таравари посочува дека тоа можеби нема да значи „нова војна или нови граници“,  но „ќе се отворат легитимни теми за внатрешна реорганизација на државата“!

Беса нема да гласа, за да влезат Бугарите во Уставот како „дел од народ“, ако во пакетот уставни измени не влезе промената и на изразот „јазик што го говорат 20 отсто“. да се замени со зборовите „…албански јазик“. Под површината на ова се кријат барања за уставноправно редефинирање на Македонија, само испорачани од друг центар.

„Крајно се неприфатливи и неспојливи со унитарниот карактер на Македонија барањата на Таравари за дводомен парламент и менување на уставноправниот поредок, за уставноправно редефинирање на политичкиот систем во Македонија. Со тие барања се урива Охридскиот рамковен договор. Таравари ги активира прашањата од 2001 година.“ – вели политичкиот аналитичар Сотир Костов.

Сѐ повеќе се потиснува државотворната димензија на мнозинскиот македонски народ

Според академик Катица Ќулавкова, бугарските барања за менување на македонскиот устав и оние од албанскиот политички чинител се на иста линија, која води до потиснување на државотворниот статус на македонскиот народ во својата матична држава Македонија. Универзитетскиот професор по уставно право и поранешен претседател на Собранието Саво Климовски смета дека предлогот на Таравари за дводомен парламент е неиздржан и неприфатлив. Но, според него, за потребата од нов текст на Уставот треба да се размислува во насока на зацврстување на државотворниот статус на македонскиот народ.

„Дводомниот парламент е прв чекор до федерализација и е неприфатлив според многу елементи од македонската реалност, но и според Охридскиот договор. Според него, Македонија е унитарна држава и нема територијални решенија за етничките прашања. Треба да се пристапи кон подготовка на нов Устав, но без временски ограничувања.“ – вели професорот Саво Климовски.

Тој дополнува: „Сегашниот текст на Уставот, со толку амандмани, е речиси нечитлив и од суштински аспект. Но и за почеток на таква постапка за нов текст на Уставот би ни бил потребна најширока согласност, која би се легитимирала на референдум врз основа на поставени основни принципи на карактерот на системот. Ако биде референдумски изгласана потребата од нов текст на Уставот, потоа би се продолжило со изработка на сите негови аспекти. Треба да се нагласи државотворниот статус на мнозинскиот македонски народ.“