Ќулафкова: „Македонија може да се прероди, ако се откаже од билатералните договори, спротивни на меѓународните конвенции“

„Растот на македонската нација е опструиран социјално и политички како од надвор така од внатре. Таа е во состојба на држава недорасната да биде рамноправен и достоинствен партнер во меѓународните дијалози, држава без заштита, со поткопани темели, со хаотичен Устав, под постојани внатрешни закани и надворешни ултиматуми. Се попречува државотворната визија без која што нема држава. Македонија, држава што исчезнува. Наместо да се случи интензивен нагорен цивилизациски развиток на општествените и државните структури, започна обратен процес на дезинтеграција, фингирани или премолчени пописи на населението, деградација на сѐ што има македонски предзнак…“ – вели академик Катица Ќулафкова во својата анализа со наслов „Синдромот на недораснатост и државата на Македонците“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Синдромот на самоуништување

Ќулафкова пишува: „Познат е македонскиот синдром на самоуништување, Македонците се познати по тој синдром. Затоа што самоуништувачкиот синдром е сенката на историјата на постантичка Македонија и на Македонците. Не станува збор за фатализам, туку за ропски комплекс на немоќ, за недостиг од самодоверба и самопочит. Тоа ги става во ситуација да го потценуваат сето она што е бесценето, сето она што е неповратно, ако еднаш се изгуби.“

„Македонските владејачки структури ископаа длабок јаз меѓу Македонија, универзалните и европските стандарди предвидени за нациите, народите, малцинствата и граѓаните. Тие се управувани од туѓи геостратегиски интереси и од интересите на криминогениот бизнис на неколку фамилии и коалиции. Македонските властодршци покажуваат симптоми на недораснатост. Нивниот ум е лишен од идеали. За нив системот на морални вредности постои, за тие да го рушат. Тие ги злоупотребуваат демократските придобивки во полза на личните. Нивниот заробен ум е (симболично) џуџест, кусоглед, малограѓански, полн предрасуди и приземни математики. Аномалиите на тој ум се рефлектираат врз општествените текови и оставаат неповратни последици врз македонската културна и политичка историја, сегашност и иднина.“

„Се случи серија нелегитимни и апсурдни интервенции врз Преамбулата и Уставот на Р Македонија, Устав што во почетокот на 1992 година беше оценет од врвни експерти како врховен конституционален акт што ги задоволува високите европски стандарди. Со неподнослива леснотија го ревидираа демократското уредување во етнократско и создадоа законски услови за инсталирање режим со иницијали на апартхејд. Република Македонија од 1991-та до денес преку серија противуставни ревизии е ресетирана во нешто анационално и аморфно, нешто хибридно и малигно, проблематично и изопачено… Како таква, денешнава псевдомакедонска држава деградирана, обезличена, руинирана, девастирана, неатрактивна за живот.“

Ресетирање на државата, реставрација на нацијата

„Македонското национално битие е истрауматизирано, идентитетот е стигматизиран, граѓаните се запоставени до крајни граници, лишени од татковинска љубов и заштита, изложени на супстандардна правна, социјална, здравствена, образовна и еколошка нега, изложени на смртоносна патна и сообраќајна мрежа, партиски говор на омраза, културно и јазично изолирани, раселени, депримирани, изложени на стресни околности, експерименти, закани и ризици. Денес македонската нација е разнебитена, без ниту еден неспорен темел, без државен јазик (lingua franca), без заедничка визија на иднината и без праведна егзистенција во современоста.“

„Има ли потреба да се каже дека Македонија би можела да доживее преродба ако се врати на првичното конституционално уредување во согласност со стандардниот европски демократски образец, ако откаже од неколкуте билатерални договори/спогодби донесени во вонредни околности, спротивно на референтните меѓународни кодекси, конвенции и практики, неуставно и противправно? Треба ли да се нагласи дека Македонија би можела да се реставрира под услов да биде управувана од некорумпирани структури, од достојни и мудри личности со високи морални квалитети и дипломатски вештини?“ – заклучува Катица Ќулафкова во својата анализа.



Интернет – врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/sindromot-na-nedorasnatost-i-drzhavata-na-makedoncite/