Ќулафкова: Македонија е разнебитена со малцинските и соседските ултиматуми – „северна“ функционира спротивно и на меѓународните конвенции

„Само по десет години, Македонија започна да го менува својот уставен наратив во преамбулата, а со тоа и да ја минимизира државотворната улога на македонскиот народ за сметка на максимално зголемување на улогата на албанската народност или, да се послужиме во вообичаената меѓународна терминологија, албанското малцинство во Македонија. Секоја поголема меѓуетничка криза во Македонија завршува со малцински ултиматуми, кои станаа одлучувачки фактор во државата и во неколку наврати предизвикаа крупни, темелни промени на Уставот, а со тоа и на карактерот на македонската држава.“ – вели академик Катица Ќулафкова во својата колумна со наслов „Триесет години ревизија на државноста и разнебитување на македонската нација“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Натаму Ќулафкова пишува: „Македонија, така, врз практиката на ултиматум, се редефинира во континуитет од функционална, суверена, унитарна и демократска држава-нација во мултиетничка држава, со намалена функционалност, сувереност и унитарност. Процесот на разлагање (фрагментација) на македонската држава трае неполни 20 години, од 2001 до 2018, за денес да влеземе во нова, неизвесна фаза. Методологијата на малцински ултиматуми беше само најава дека ќе се прошири со надворешни ултиматуми на соседите, секогаш поткрепени и легитимирани од меѓународната заедница. Современите соседски ултиматуми се актуелизација на т.н. балкански пропаганди, што го креираа македонското прашање, а со тоа и ја воведоа парадигмата за македонскиот идентитет како проблематичен. Сите балкански општества имаат мултиетничка димензија, некои европски држави и многу понагласена, ама и покрај тоа никој не го оспорува нивниот национален карактер.“

„Единствено Македонија е третирана како експериментална конструкција подложна на радикални уставни промени, значи под привидот на самоиницијативни внатрешни ревизии. Во име на правичноста на малцинствата се промовира историска неправда над Македонците. Во име на европските вредности се применуваат нецивилизирани законски решенија, било да се работи за јазичните права, или за амнестијата на злосторствата против човештвото.“

„Денес македонската држава ги има сите предуслови да биде нестабилна, отворена за натамошни ревизии, со хибриден владејачки режим, со ограничена слобода на изразување, земја подложна на демографска девастација, земја на корупција и црни хроники, задолжена до крајни граници, пред финансиска и економска бездна, со енормни социјални разлики, со верски радикализам, со проблематично присуство на туѓи воени формации, со поделени државни симболи, проблематизирана химна, оспорено државно знаме, држава со име непризнаено од граѓаните, држава без своето вековно кратко име со национален белег, со еден збор неподнослива за достоинствено живеење – Македонија.“

„Таквата Македонија чиешто име по закон дури и не смееме да го спомнеме на јавни места, чиешто првобитно државно знаме денес се набљудува со потсмев и се отстранува насилно дури и од невидливите шахти по улиците, простете, не е Македонија. Македонија разнебитена, фалсификувана, балканизирана, енклавизирана или, со други зборови, либанизирана. Северна Македонија дефинитивно го озакони беззаконието. Таа функционира спротивно на општонародната волја, спротивно на единствениот валиден референдум од 8.9.1991, спротивно на меѓународните конвенции и на здравиот разум.“



Интернет – врска до целата колумна:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/trieset-godini-revizija-na-drzhavnosta-i-raznebituvanje-na-makedonskata-nacija/