Поранешниот бугарски заменик-министер за надворешни работи, Љубомир Ќучуков смета дека рокот за тргање на бугарското вето за почеток на преговорите на Скопје со ЕУ е прекраток, јави дописникот на МИА од Софија.
„Во сегашните услови, кога во Бугарија претстојат преговори за формирање влада, нема начин да се донесе таква одлука пред самитот на ЕУ, вели Ќучуков во изјава за БНТ иако, како што вели Бугарија е под многу силен меѓународен притисок, пренесе МИА.
Коментирајќи ја позицијата на Бугарија за Македонија, Лубомир Ќучуков вели дека Франција и Холандија го користат она што се случува за да се претстават како позитивно настроени кон проширувањето.
За секоја земја е полтички непријатно да биде сопирачки фактор за проширувањето на ЕУ, а Бугарија, според поранешниот министер за надворешни работи, зазеде токму таков став.
Тој смета дека во пракса Бугарија ја изгубила сета своја предност како земја членка на ЕУ, бидејќи ниту една земја од Унијата не ја поддржува Софија.
Сепак, вели Ќучуков, Бугарија во последните шест месеци го преакцентира својот пристап кон Северна Македонија, откако во март годинава претседателот Румен Радев стави фокус на заштитата на човековите права на македонските Бугари.
„Така Бугарија успеа да излезе од кружната одбрана и веќе понуди начин како да се реши проблемот. Меѓутоа, Бугарија мора да работи на изнаоѓање решение и тоа мора да биде взаемно и по пат на дијалог. Бугарија е заинтересирана да се најде такво решение бидејќи времето работи против бугарскиот интерес“, оценил Љубомир Ќучуков.





