„Во Бугарија, неколку дена по одржувањето на Консултативниот совет за национална безбедност (КСНБ), свикан од страна на бугарскиот претседател Румен Радев, преовладуваат поделени мислења во врска со заклучоците од Советот за безбедност. Тие се движат од согласување со заклучоците донесени на Советот до констатација дека тие уште повеќе ги оддалечуваат двете земји од можност за договор.“ – вели Сашо Таневски во својата статија со наслов „Бугарија ништо не добива од блокирањето на Македонија, всушност губи“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Таневски пишува: „Кај дел од тамошната интелектуална фела преовладува мислењето дека со заклучоците утврдени на КСНБ, кои се на иста линија со рамковната позиција и бугарската декларација усвоена од 44-то Народно собрание во 2019 година, не се нуди можност за компромис меѓу Бугарија и Македонија, туку односите уште повеќе се заладуваат.“
„Универзитетскиот професор и историчар Стефан Дечев во гостувањето на БНТ истакна дека Бугарија со своите позиции креира недоверба. ‘Самата рамковна позиција што говори за една бугарска историја до 1944 година и Декларацијата на парламентот, всушност, претставуваат бугарско отстапување од Договорот за пријателство и соработка, во кој се говори за заедничка историја на двете држави и нивните народи. Тоа е едно многу чувствително разидување, кое цело време ја принудува македонската страна да биде на штрек, бидејќи сите други изјави од типот ‘Ако сакате, бидете и Марсовци!’ ги става во позиција да не ни веруваат дека ние гледаме сериозно на нивната држава, нивниот идентитет и на нивниот денешен јазик.’ – потенцира Дечев.“
„Коментирајќи ги заклучоците донесени по КСНБ, директорот на Институтот за економија и меѓународни односи Љубомир Ќучуков смета дека Бугарија нема никаква полза од блокадата на Македонија. ‘Бугарија ништо не добива од блокирањето на Македонија, туку губи, бидејќи ние во добар дел сме меѓународно изолирани, што се должи и на непознавање на функционирањето на механизмите на ЕУ.“ – наведува Сашо Таневски, покрај другото, во својата статија.
Интернет – врска до целата статија:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/bugarija-nishto-ne-dobiva-od-blokiranjeto-na-makedonija-vsushnost-gubi/





