Поранешниот заменик-министер за надворешни работи на Бугарија, Љубомир Ќучуков, ги оцени како сериозна причина за тревога како во Софија, така и во Скопје резултатите од истражувањето на јавното мислење во Македонија, во кои 79 проценти од граѓаните ја посочија неговата земја како најголем непријател.
„Овие резултати јасно покажуваат присуство на негативен тренд, а понепријатното е тоа што политичките проблеми меѓу двете земји се пренесуваат врз чувствата меѓу граѓаните. Верувам дека период на конструктивен политички молк на двете страни ќе биде корисен за билатералните односи. Без промена на Уставот (на Македонија – н.з.), нема да може да се пристапи кон отворање на преговарачките поглавја, а тука постои уште еден сериозен ризик тоа да доведе до одвојување на Северна Македонија од Албанија. Лошото е што има и фактор време. Односно, ако тоа не се случи до крајот на годината, голема е веројатноста Албанија да почне преговори“, изјави Ќучуков за ТВ 24.






