Ќоку: Сите Албанци тагуваат поради убиството на Вања, но некои македонски медиуми и политичари се впуштија во предрасуди дека ја грабнале Албанци

„Убиството на 14-годишното девојче открива две појави. Првата појава е дека, иако жртвата е од македонска етничка припадност, сите Албанци овде без исклучок изразија жалење, емпатија и солидарност за случајот. Сега ќе тагуваат поради нејзиното убиство. Втората појава е тоа дека некои македонски медиуми и политичари се впуштија во многу предрасуди оти извршителите на грабнувањето се Албанци.“истакнува Беким Ќоку на својот фејсбук-профил во врска со убиството на Вања Ѓорчевска.



Во објавата, која ја пренесува весникот на албански јазик „Лајм“ под наслов „Убиството ги извади на површина солидарноста на Албанците и македонската предрасуда“, Ќоку, наведен во својство како „претставник на партијата Ветвендосје (Самоопределување – заб.прев.) за * Македонија“, натаму пишува: „Поради тоа вчера обвинителството беше принудено експлицитно да се изјасни дека сите осомничени се од македонска етничка припадност. Ова е показател колку некои луѓе се бескрупулозни и колку е кревок меѓуетничкиот соживот овде. Потребна е само една искра, било поради недоразбирање, или поради банална причина, за да се запали огнот на судирот.“

„Криминалот и криминалците немаат нација и религија. Во Косово имаше Албанци  (случајот со Лиридона Адемај-Мурсели, 30-годишна, од Ѓаковица, Косово, убиена вечерта на 29 ноември 2023 со пиштол, за што е осомничен нејзиниот сопруг Наим Мурсели дека го нарачал нејзиното убиство и оти наводно за тоа платил 30 илјади евра на двајца други Албанци да го сторат – заб.прев), а овде Македонци. И двете жртви биле невини. Две семејства беа задушени од алчноста за богатство.“