„Ќебап за работникот, бифтек за власта“ – на годинашниот првомајски протест пред Владата замириса на скара

„Ќебап за работникот, бифтек за власта“. На годинашниот првомајски протест пред Владата замириса на скара. Покрај тоа, во фокусот беа и зголемувањето од речиси 80% на платите на функционерите и предвидените 60 часа неделно за изградба на коридорите 8 и 10д. Синдикатите, на пратениците и на извршната власт им порачаа дека „не е исто покачување од 2.000 денари и 2.000 евра, и оти како што кажаа „Работниците се државата“.



Синдикатите побараа достоинствена плата и фер услови за сите, а не манипулации и тиштење на и онака осиромашениот работник. Од ССМ побараа покачување на сите плати за 78%, а не 60 часа работа неделно зашто тоа е враќање во 19 век.

Дека лошата состојба на работниците и понатаму непроменета алармираа од Конфедерацијата на слободни синдикати. Велат дека 5 години се кршат колективни договори и закони, а подобрување на состојбата на работникот во државата никако да се промени.

Од Синдикатот на полицијата рекоа доколку не биле заканите и притисоците врз вработените во МВР, на протестот ќе имало многу повеќе луѓе кои се незадоволни од сопствената држава.

На протестите беше порачано дека работниците се соочуваат со неправди незамисливи за 21 век и дека борбата за правата на работникот ќе продолжи и во иднина. Предупредија дека ако работниците не добијат пристојна плата, работа и пристоен живот, ќе следи жестока пролет со серија протести.