Актерката, екс директорка на МКЦ и активистка за права на животните Јасмина Поповска со пост со наслов #Распродажба на истренирани армиски кучиња! апелира министерката за одбрана Славјанка Петровска да ја запре продажбата на армиски кучиња.
Таа се плаши дека тренираните кучиња ќе ги купат организатори на крвави борби со најдобриот пријател на човекот.
,,Новата министерка за одбрана штотуку седната на министерското столче ја започна својата кариера со “колосална” одлука за продажба(распродажба) на истренирани армиски кучиња за подобрување на финансискиот биланс во армијата!
Во случајов станува збор за млади кучиња, едногодишни здрави единки кои ја поминале комплетно целата обука!.
Во армијата и полицијата тие кучиња имаат статус на вработени службеници подеднакво ист како армијците или полицајците!
Тие се партнери на заедничка задача(спасување на луѓе, откривање на изгубени лица, откривање на дрога, шверц со оружје, експлозиви, откривање на мини, фаќање на криминалци, терористи…)
Министерке Славјанка, кучињата не се #предмети!
Тие се на работа во армија (полиција) како регуларни службеници!
Со каква леснотија ги продавате овие чесни службеници?
Да Ве потсетам дека во други земји (европски, САД..) повредувањето или убивањето на ваквите кучиња се смета за тешко кривично дело слично како повредување или убивање на обичен полициски службеник или воено лице!
Сте размислиле ли каде ќе завршат овие добро истренирани кучиња – службеници?
Еве јас ќе Ви помогнам во размислата.
Убедена сум дека ќе завршат во погрешни раце за борба на кучиња и секакви други садистички изживувања врз нив!
Крајниот епилог на најголемиот дел од нив ќе биде убиство!
Тажен крај на овие прекрасни, лојални, храбри истренирани кучиња распродадени без никаков респект за нивното сработено!
Ако не го почитувате армиското куче, како ќе го почитувате војникот во Армијата? Партнери се и во добро и во лошо!
Пс.
Сте чувале ли некогаш куче како рамноправен член на Вашето семејство?
Сте помогнале ли на бездомно куче?”, и пишува Поповска на Петровска со надеж дека апелот ќе ги спаси кучињата на АРМ од садизам.
Според документот се работи за 11 кучиња кои се продаваат за најниска цена од околу 60 евра.







