Ќе застари ли делото во случајот „Титаник 2“ за Сашо Мијалков !?

На осум дена пред да му застари делото, Апелацискиот суд закажа јавна седница за случајот „Титаник 2“, во којшто е обвинет поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.



„Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека јавната седница пред судот, по кривичниот предмет КОКЖ-43/23, во јавноста познат како „Титаник“, е закажана за ден 30.03.2023 година во 11 часот и 30 минути“, стои во соопштението на Судот.

Вишото обвинителство веќе дало мислење за случајот. По одржувањето на јавната седница, се очекува Апелацискиот суд да донесе мериторна односно конечна, правосилна пресуда за обвинетите во овој случај, дознава Фокус

Мијалков се гони за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание” кое застарува на 7 април годинава.

Тој се гони за учество во изборни нерегуларност на локалните избори во 2013 година.

Другите обвинети во случајот, пратеникот Мендух Тачи, поранешниот член на ДИК, Бедредин Ибраими, и уште тројца поранешни членови на ДИК немаат можност да се спасат со застарување. Тие се гонат за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“.

Според пресудата на Кривичниот суд, Мијалков, како и Тачи, беа осудени на две години затвор. Истата затворска казна им беше изречена и на обвинетите поранешни членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска.