Речиси 90 километри пруга од Куманово до границата со Бугарија се гради скоро три децении. Нема висок функционер кој досега не се сликал со камен темелник на пругата и ветил дека само што не биднала. Од земјава нема возови ниту кон другите соседи, а таму каде што има железница исто како да ја нема.
Не верувам дека пругата кон Бугарија ќе биде завршена ниту во следните 30 години, вели Благоја Јакимов, кој речиси целиот работен век го поминал во трасирање на железничката пруга кон соседната земја. Тој како геометар во градежна фирма, трипати правел проект за делницата од Куманово до Бељаковце, потоа уште еднаш се правел проект, но тој веќе отишол во пензија.
Ново поставување подиум имаше повторно пред неколку дена. На 29 октомври со присуство на премиерите на Македонија и Бугарија и со многу други гости се одбележа почетокот на изградба на две делници на Коридорот 8, со кои продолжува реализација на проектот кој започна пред 28 години. Станува збор за вкупно 65 километри. За третата делница од 24 километри се подготвува тендерска документација.
Пругата кон Бугарија е проект рекордер ветуван од сите политичари во нивните изборни програми. Со текот на годините премиери удираа камен темелници, ветуваа дека пругата станува реалност, се одвојуваа пари за тоа во секој државен Буџет, но потоа парите се пренаменуваа за други цели.
Бугарија речиси го заврши својот дел од пругата, но не и Македонија.
Коридор 8 е оската што треба да ги поврзе Албанија и Бугарија, преку Македонија. Доколку се комплетира железничката пруга, тоа ќе ги зголеми опциите на државите при транспорт на стоки, трговијата, а би влијаело и на бројот на туристи.
Бугарија е меѓу топ петте држави со кои Македонија тргувала во периодот јануари – август 2022 година. Останатите држави со кои земјава остварила најголема трговска размена се Германија, Велика Британија, Грција и Србија.
Македонија нема железничка врска ниту со Албанија.
И таму каде што ја има исто како да ја нема. Брзиот воз од Скопје за Битола, кој тргнал во 18:25 на 30 октомври не стигнал до крајната станица. Застанал до Могила и не продолжил понатаму.
Пред неколку години македонската Влада набави нови возови кои може да возат до 160 километри на час, но во Македонија нема пруга за толкави брзини. Железничарите велат дека во летната сезона, просечната брзина е околу 50 километри на час, а на некои делници ограничувањето е пониско.





