Ќе учат ли ученицте онлајн или ќе се смрзнуваат во училниците. На само три недели пред почетокот на грејната сезона дел од училиштата се во паника поради високите цени на струја, што го доведува до прашање затоплувањето на училиштата во текот на зимските месеци. Додека надлежните се договараат како ќе изнајдат најсоодветно решение, предлозите за онлајн настава и за продолжување на зимскиот распуст се неприфатливи ниту за наставниците, ниту за родителите на учениците. Велат дека штетата со онлајн настава и со губење училишни денови е веќе преголема и дека повторното останување дома ќе биде погубно во секакава смисла за учениците.
Истовремено, некои од директорите на училиштата, посочуваат дека во текот на оваа недела ќе имаат состаноци со градончалниците на општините за да се најде решение кое нема да биде на штета на учениците, односно да се обезбеди непречено одржување на наставата.
Од владата пак посочуваат дека се прават напори за да им се излезе во пресрет на основните и на средните училишта и наставата во зимскиот период да се одржува со физичко присуство.
Министерот за економија Крешник Бектеши во телевизиско гостување рече дека децата многу изгубија во време на ковид пандемијата.
– Сега заради енергетската криза подобро да им помогнеме на училиштата отколку да ги оставиме децата да изгубат многу. Потрошувачката за петте месеци, од ноември до март, за сите училишта на ниво на државата е околу 10 гигават часови и тоа може да го обезбедиме преку ЕСМ и убеден сум дека ќе најдеме решение, рече Бектеши.
Според неговите проценки, училиштата не би требало да имаат проблем до крајот на март.
А, уште пред самиот старт на учебната година, министерот за образование, Јетон Шаќири изјави дека во Министерството за образование и наука е формирана работна група која во однос на прашањето за затоплувањето на училиштата е во координација со министерствата за економија и за финансии и со други надлежни институции.
Родителите на учениците потсетуваат дека тој истакна дека очекува непречена работа на училиштата во текот на зимскиот период.





