Од следната година ќе се зголеми минималецот. Како што соопшти вицепремиерот Фатмир Битиќи, минималната плата во март ќе достигне 22.500 денари.
„Мерките што ги преземаме даваат резултат. Кажавме дека до крајот на годината ќе ја завршиме на висина со скоро исто ниво на инфлација како што имавме и пред кризата. 3.5 отсто последната инфлација, последниот месец“, кажа вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Тој рече и дека последниов месец има зголемување на цените во малопродажбата за само 1 процент, што укажува на минимална промена. На едно четиричлено семејство за основни трошоци му требаат над 46.000 денари.

Синдикалната минимална кошница за октомври изнесувала 46.198 денари. Пресметката ја објави Сојузот на синдикати на Македонија. Најголем дел од кошницата, 44,06 отсто или 19.668,36 денари, отпаѓа на храна и пијалоци, а најмалку на одржување на здравје, 1,88 проценти или 837,18 денари. За домување во октомври биле потребни 13.716,86 денари или 30,73 отсто. Според ССМ, за хигиена биле потребни 3.267,42 денари или 7,32 процента, за превоз 3.735 денари или 8,37 отсто, за облека и обувки 2.343,63 денари или 5,25 проценти, како и за култура 1.067,86 денари или 2,39 отсто.





