Цената на лебот од среда, 1 март, се замрзнува на 33 денари. Замрзнувањето на цената следува откако министерот за економија Крешник Бектеши реагираше дека околу 70% од фирмите што користат субвенционирана струја, а се работи за околу 250 компании, не ги намалиле цените на основните продукти. Според Бектешки, токму поради оваа причина цената на лебот ќе се фиксира на 33 денари, а на листата се очекува да се најдат и други производи.
Владата во вторник треба да донесе одлука и таа да важи само за белиот и полубелиот леб. Како што посочи Бектеши тогаш ќе се знае и дали на прехранбените компании ќе им се укине поевтината струја од 1 март или од 1 април. Министерот Бектеши вели дека во иднина ќе се прават анализи секоја недела за да нема повеќе вакви ситуации.

Министерот им порача на компании кои не го почитуваат договореното дека ако не работат рентабилно, тогаш можат слободно и да ги затворат фирмите. Тој, исто така, им порача да работат во интерес на граѓаните. Потсети, дека пекарите побараа од државата субвенции и за работниците, заради недостиг на кадар, и тоа треба да се почитува.
За субвенционирање на електричната енергија за компаниите од прехранбениот сектор досега се одвоени околу 1,2 до 1,3 милиони евра, народни пари средства што може да се користат за други мерки, посебно за граѓаните кои имаат најголема потреба.
Компаниите од прехранбениот сектор не се задоволни од реакцијата на министерот и не се согласуваат со мерката за замрзнување на цените. Според нив не се во можност да се справат со трошоците, па можно е или да стават клуч на врата или рафтовите во маркетите да ги остават празни. Реагираат и пекарите и велат дека ако се укине субвенционираната струја треба да се направи селекција. Според нив, прекинот не треба да важи за сите, туку само за оние компании кои не го испочитувале договореното намалување од 7 до 13%.
Владината мерката за субвенционирана струја од 80 евра за мегават-час, за прехранбените компании, стапи на сила на 1 декември лани и требаше да важи до 30 април.





