ЕСМ набави природен гас за топланите Исток и Запад до 15 ноември, но откако ги презема топланите под закуп од АД Адора, започнати се подготовки да се види дали можат да работат и на алтернативно гориво како втора варијанта.
„Тоа е дизел горивото во случај да го нема природниот гас или да има екстремно висока цена“, вели Ковачевски.
Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски изјави дека од 15 ноември ќе има тест период од 10 дена за проба на системот за да се види дали може да работи и со овој енергенс, бидејќи во минатото работел на мазут кој е еколошки многу понеподобен.
„Тоа го правиме за да бидеме сигурни дека во целост ќе можеме да ги задоволиме потребите со топлинска енергија во подоцниот период на грејната сезона или во наредните сезони и доколку има проблеми со набавка на природен гас“, вели Ковачевски.
„Префрлувањето ќе биде за не повеќе од 24 часа, но тоа не значи дека во тој период граѓаните на Скопје ќе останат без топлинска енергија. Прво едната топлана ќе се префрла на дизел, а потоа другата, но при тоа најголем дел од топлинската енергија во континуитет ќе се добива од ТЕ-ТО и нема да има намалена испорака на топлинска енергија“, вели Ковачевски.







