Ќе се приватизира Блок 1 од „РЕК Битола“?!

Ништо чудно „Државните Електрани“ да го дадат првиот од трите блока на РЕК Битола на менаџирање од страна на приватен оператор, според физибилити студијата која е нарачана и за која е склучен договор на 13 ноември, објави Фактор. Ангажиран е консултант за 5 милиони денари, кој ќе треба да направи физибилити студија за работата на Блок 1 на РЕК Битола и да даде одговор на прашањето дали е поисплатливо да биде одржуван од приватен партнер.



Прајсвотерхаус Куперс треба да ја изработи студијата за два месеци и да ја предаде, а ќе треба да ангажира стручен тим на консултанти и опремени лаборатории за испитување. Блок 1 не е модернизиран како другите два блока, а од ЕСМ објаснуваат дека ваквиот потег се должи на тоа дали е исплатливо да се ревитализира од нивна страна, кога и онака предвидено е да работи уште неколку години.

Според она што е напишано во договорот, од студијата ќе се бара одговор дали е исплатливо приватен оператор да работи на неговото модернизирање и да набавува увозен јаглен за работата на блокот. Консултантот ќе треба да даде одговорот на прашањето колкава ќе биде производната цена на електрична енергија на блокот и дали ќе биде конкурентна, како и дали ќе биде поефикасно ако ЕСМ го управува блокот самостојно или преку некој друг модел на соработка со трета страна.

Кост-бенефит анализата ќе покаже дали е исплатливо да биде преземен под јавно-приватно партнерство, закуп, концесија, договорно производство или со договор за управување. 

Во сите предложени модели треба да се предвиди дека во случај на кризна состојба (хаварија или дефект на останатите производни капацитети на ЕСМ или значително зголемување на цената на енергенсите на берзите) Блокот 1 да работи за потребите на АД ЕСМ со цел да се обезбеди енергетска сигурност. Економскиот оператор треба да предложи економски и правни услови за соработка помеѓу АД ЕСМ и трета страна во услови на таква кризна состојба“, пишува во еден од условите од договорот.