Ќе се отстрани крстот на имотот на „Свети Наум Охридски“ на Попова Шапка, оти е „провокација“ за Албанците и „предизвикува омраза“?!

Поставениот 15-метарски крст на имотот на манастирската црква „Свети Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка станува повод за се поостри реакции кај Албанците и веќе се навестува дека тој ќе биде отстранет!



„Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ вечерва ќе одржи итна седница по повод притисоците  на институциите, предводени од ДУИ и СДСМ, со кои се кршат Уставот и правото, со кое се гарантира слободата на вероисповедта и изразувањето на верата на Македонците во Тетово. Неовластеното присуство на многубројни државни институции во црквата ‘Свети Наум Охридски’ на Попова Шапка е директен притисок, насочен кон создавање напнатост меѓу граѓаните.“  – објави Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ во Тетово во своето соопштение.

Советничката група на ДУИ во Советот на општина Тетово денес одржа прес-конференција, од која побара образложение на општината. „Бараме градоначалникот на Тетово Билал Касами на седница на Советот да даде образложение како е поставен тој крст таму.“ – изјави Лиридон Диша,општински советник на ДУИ за медиумите на албански јазик.

Информативната агенција на албански јазик „Журнал“ го објави официјалното соопштение на општина Тетово. „Општина Тетово нема дадено дозвола за поставување на крстот на ‘Кодра е диелит’ – (‘Ридот на сонцето’ – изворниот македонски топоним Попова Шапка се отстранува од официјална употреба – заб.прев.). Општинските инспектори излегоа на терен да ја проверат фактичката состојба и да извршат проценка на состојбата, според која ќе бидат преземени законски мерки, за да се гарантира целосно спроведување на правилата и процедурите. И овојпат општина Тетово ќе ги почитува сите законски процедури како и секогаш.“

Како што пренесе локалниот информативен портал на македонски јазик „Тетовоинфо“, од црковниот одбор при манастирската црква „Свети наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка информираат дека крстот не е поставен на државен имот. „Крстот е поставен на црковно земјиште како верско обележје и тој претставува урбана опрема.“ – изјави Богосав Божиновски, член на црковниот одбор на „Свети Наум Чудотворец“.

„Бараме од општина Тетово, нејзиниот градоначалник Билал Касами и шефот на Инспекторијатот Седат Сулејмани да понесат одговорност за овој скандал зошто се дозволило да се постави крстот без дозвола и зошто не биле прекинати тие активности. Поставувањето на овој крст во скијачки центар и наспроти вили, каде што 80 проценти на имотите се Албанци, претставува најголема можна провокација, која не може да биде толерирана. Тоа не потсетува на времето на режимот на Груевски и на неговата кампања да се поттикнат меѓуверска и меѓуетничка омраза и да се прикаже нашата земја како православно-христијанска во голема мера. Тоа доаѓаше во судир со културната, етничката и верската различност во нашата земја.“ – реагираше Алијансата за Албанците.