Ќе се најде ли јунак на Агелер да ѝ го каже она што Адем Демачи ѝ го кажал на Медлин Олбрајт во 1999 година?

Адем Демачи, херојот на Косово, несомнено заслужува една улица во Скопје да го носи неговото име.



За жал, истакнатиот косовски дисидент не заслужи тоа да се случи на ваков начин – со отфрлање на името на една од најважните македонски воени формации која во Втората светска војна се бореше против фашистичкиот окупатор, со што македонските власти уште еднаш, овој пат шверцерски, застанаа зад софиската агенда за поткопување на антифашистичкиот карактер на македонската народноослободителна борба.

Адем Демачи не заслужува неговото славно име да се злоупотребува во ваква дневно-политичка антимакедонска агенда. И бездруго не доликува неговото име да се слави со еден ваков великоалбански триумфализам, кој по својата суштина не се разликува од великорспрскиот хегемонизам на Слободан Милошевиќ.

Цели 28 години од својот живот Демачи помина во затвор, како жртва на Србија на Милошевиќ. Па сепак, во раните 1990-ти години, кога во јавните настапи зборуваше за Србите, човекот наречен „Балкански Мандела“ често ги користеше термините „нашите браќа, српскиот народ“ или „херојскиот српски народ“. Обвинуван дека не гледа што им прави Србија на Албанците од Косово и на другите во Југославија, Демачи одговораше дека добро знае за теророт што се врши врз Албанците, но објаснуваше дека српскиот народ е манипулиран од властите и дека цел народ не треба да се поистоветува со ниту една политичка класа на власт.

„За мене сите народи се добри. Нема лоши народи. Тие лоши работи што ни ги прават денес српските власти, тоа истото би можеле да му го направат и на сопствениот народ“, ќе рече тој визионерски во тие кризни години.

Кон крајот на таа деценија, Адем Демачи, иако секогаш се залагал за мирен отпор, веќе е на чело на политичкото крило на ОВК (УЧК).
Интересно е дека Демачи одбива да учествува на меѓународно спонзорираната Конференција во Рамбује во 1999 година, бидејќи во неа беше предвидена само автономија на Косово во рамките на Југославија предводена од Србите.

Добро се сеќавам, во тоа време западните лидери вршеа жесток притисок врз албанските прваци да прифатат автономија. Кажано со денешниот модерен речник што го користи американската амбасадорка Анџела Агелер, на пример, дипломатите ги убедуваа Косоварите дека е „лажна вест“ дека можат да испреговараат подобро решение за Косово и дека „секое иден предлог за нив ќе биде полош“.

Американската државна секретарка Медлин Олбрајт му телефонирала на Демачи и побарала од него да го убеди лидерот на ОВК, Хашим Тачи, да го потпише договорот од Рамбује. „Дајте му благослов на Тачи. Ако не му дадете, неуспехот на договорот ќе ве следи како сенка цело време кога обичните Албанци ќе продолжуват да бидат убивани“, го предупредила таа.

Медлин Олбрајт беше опасна и опака жена. Главно со Србите, ама не ги штедеше и Албанците…

Но, Демачи беше тврд орев. На Олбрајт ѝ одговорил: „Ние сме благодарни за вашите напори, но не сакаме да се брзаме. Ако треба да загинат 30.000 Албанци, нека загинат, но ние нема да го предадеме оружјето само врз основа на ветувања. Никогаш нема да се откажеме од нашиот сон да бидеме слободни“.

Олбрајт потоа изнела аргумент за кој Демачи сметал дека не држи вода: „Србија е силна и ве убива и ве уништува“. Демачи одговорил: „Ние не ја започнавме војната за да видиме дали можеме да ја добиеме; ја започнавме за да победиме. Нема да се повлечеме од војната за слобода“.

Епилогот од таа војна е познат. Косово денес е независна држава, призната и од Македонија, а преговорите меѓу Белград и Приштина сега се водат за тоа дали ќе постои автономна српска енклава на северот на некогашната југословенска покраина. Рамбује е заборавена епизода…

Адем Демачи почина во 2018 година, а последните години на својот политички активизам ги посвети на заштита на српското малцинство на Косово.

И покрај некои контроверзи поврзани со неговите ставови, Демачи е неспорен великан на албанската политика. Актуелните албански политичари во регионот се третокласници во споредба со него. Агендата на тие коишто се на власт во Македонија, пак, се сведува на релативизирање на малигната корупција и на отворена поддршка на бугарската негаторска политика кон Македонците За жал, во сивилото на таа кукавична безидејност се вклопи и Али Ахмети.

Единствен албански политичар кој по својот стил и храброст наликува на Демачи веројатно е косовскиот премиер Албин Курти. Можеби затоа и не сум изненаден што Курти одбил да се сретне со прваците на ДУИ и со претставниците на македонските власти.

А да можел од гроб да стане Демачи и од некаде да се појави, веројатно и на „своите“ и на „моите“ би им згрмел – што правите, бре фејкери, вие заедно ли ќе живеете, ќе се почитувате, или ќе сојуз

вие заедно ли ќе живеете, ќе се почитувате, или ќе сојузничите со софиските ајдамаци, а гаќите ќе ви се тресат од заканите на разноразни медлинки!

И јас се прашувам, дали имаме ние овде еден Демачи, што би ѝ одговорил на Агелер како што треба?

Што би рекол еден херој политичар за заканите дека ништо подобро не можеме да добиеме од она што го „испреговарале“ Таче и Маричиќ?

Што би рекол Демачи за спинот што ни го нацрта Бујар Османи на училишна табла, за потоа Софија најдиректно да го демантира? Се обложувам дека би го гаѓал Бујара со кредата во глава…

Би се исплашил ли Демачи од одбивањето на „преговарачката рамка што не може да биде подобра“ и од тој европски страшен ноември, после кој, ако не сме ги прифатиле уставните промени, Македонија ќе била одделена од Албанија и изолирана?

За жал, нема да го добиеме одговорот на овие прашања…

Ние немаме храбри луѓе во врвовите на политиката, немаме идеалисти и херои како Адем Демачи. Ни меѓу Македонците, а ни ни меѓу Албанците.

Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк:

https://plusinfo.mk/e-se-na-de-li-unak-na-ageler-da-go-kazhe-ona-shto-adem-demachi-go-kazhal-na-medlin-olbra-t-vo-1999-godina/