Здружението на новинарите на Македонија, Стопанската комора и Советот за етика во медиумите потпишаа Меморандум за соработка и најавија формирање регистар на професионални он лајн медиуми со кој ќе ѝ се посочи на јавноста кои медиуми ги исполнуваат критериумите да бидат медиуми, но и кои се тие кои се придржуваат до новинарскиот кодекс при своето работење и имаат транспарентно сопствеништво и импресум, пренесе „Фокус“.



Младен Чадиковски,  претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, рече дека со потпишувањето на Меморандумот за соработка почнува процесот на препознавање на професионалните медиуми и таканаречените медиуми од страна на јавноста, кои имаат за цел да шират невистини и да дезинформираат.

„Борбата со дезинформациите и неквалитетното новинарство мора да почне од нас, бидејќи доколку не го направиме тоа може да дојде до регулација на онлајн медиумите, а тоа претставува и ризик за ограничување на правото на слобода на изразување. Ваквиот вид евидентирање ќе и помогне и на бизнис заедницата за да знае во кои медиуми треба да се рекламира и огласува бидејќи и тие сакаат да го помогнат, а и имаат општествена одговорност за да го поддржат постоењето на квалитетните медиуми“, вели Чадиковски.

Според него, сите членови на ЗНМ и медиуми навремено ќе бидат информирани околу активностите што ќе бидат преземени, а исто така ќе бидат поканети активно да дадат свој придонес со цел зајакнување на медиумската саморегулација.