„Овој ребаланс е соодветен и навремен фискален одговор на тековните глобални случувања. Ова е ребаланс за целосно заздравување на економијата од пандемијата. Ребаланс за поддршка на граѓаните и фирмите во екот на глобалната ценовната и енергетска криза“, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими откако Владата го усвои ребеланост на Буџетот…



Продолжениот удар од кризата ги коригира надолу владините проекции за економскиот раст, но и оние за инфлацијата.

Според најновите прогнози, македонската економија годинава ќе порасне за 3,2%, или 1,4% помалку од првичната проекција. Инфлацијата е проектирана на 7,2%. Двигател на растот се очекува да биде побарувачката, но и приватната потрошувачка од 3,3%.

„Влијанието на ценовните притисоци врз доходот на домаќинствата ќе биде неутрализирано преку зголемената минимална плата, зголемените пензии, но и преку други владини мерки за ублажување на ефектите од ценовниот шок“, најави министерот Бесими.

Бесими убедува дека ова е ребаланс за поддршка на граѓаните и фирмите во екот на глобалната ценовна и енергетска криза.

Се зголемува и дупката во државната каса, односно дефицитот, кој сега ќе изнесува 42,7 милијарди денари, или 5,3% повеќе од првичната проекција. За финансирање на дефицитот и отплата на надворешниот и домашниот долг ќе бидат потребни 11,8 милијарди денари, или вкупно – 54,5 милијадри денари. За покривање на потребите ќе бидат потребни 80 милијарди денари, или 1,3 милијарди евра. Најголемиот дел од нив, околу две третини, ќе бидат од надворешни извори, а остатокот од задолжување на домашниот пазар.

Капиталните инвестиции се намалуваат за околу 100 милиони евра, но и натаму ќе останат досега највисоко проектирани – околу 510 милиони евра. Според владиниот план, најголем дел од парите ќе се потрошат за патишта, железници и други капитални инфраструктурни проекти… Дојче веле