Скопски „Водовод“ на чекор до блокада. Да се разреши в.д. директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје, Марјан Митовски, поради кршење на работничките права, бараат од Сојузот на синдикати. Велат дека до среда им даваат рок и на градските власти, а потоа ќе преземеле мерки со тоа што најверојатно ќе излезат на улица. Синдикатот не се заканува дека ќе го прекине водоснабдувањето за скопјани, туку дека тоа може да го направат незадоволни работници.
Од Синдикатот велат дека се револтирани од односот на в.д. директорот кон вработените бидејќи се распределуваат на несоодветни работни места кое не им се предвидени со договорот за работа. Од Синдикатот тврдат и дека решение за незаконско постапување донеле и државните инспекторати. Според нивните изјави, имало и извршни судски решенија кои ги добиле вработените да се вратат на работа, но директорот не ги враќал.
Инаку, Марјан Митовски е прв човек на претпријатието од 13 септември годинава. Градоначалничката Данела Арсовска го назначи на функцијата откако еден ден претходно го разреши Златко Перински од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи го за самоволие и обиди за влијание во милионски тендер за пречистителна станица.
Тој ги отфрли овие обвинувања и рече дека Арсовска сакала да фаворизира нејзина блиска компанија. Откако зовре лонецот, следуваа низа разрешувања или оставки на сите директори на јавните претпријатија во Скопје и растурање на партнерството помеѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ.





