Листата од 571 ново име за улиците во македонската престолнина ризикува повторно да ги влоши односите со Грција, бидејќи, според некои толкувања, предлогот за Нивици се коси со Преспанскиот договор!
Според член 8, став 4 од Договорот, „секоја од Страните ќе се придржува кон препораките на Конференцијата на Обединетите нации за стандардизација на географските имиња во однос на употребата на официјалните географски имиња и топоними на територијата на другата Страна, давајќи притоа приоритет на користењето на ендоними, наместо егзоними“.
Со други зборови, потписот на Никола Димитров на документот од Нивици, наводно, ја обврзува Македонија да ги користи грчките топоними за населените места во Грција, што во случајот со селото на брегот на Преспанско Езеро би подразбирало употреба на Псарадес!
Нивици во листата на Град Скопје е под реден број 344, а во образложението се вели: „Нивици, село во општина Преспа, Република Грција. Селото се наоѓа во најјужниот дел на големото Преспанско Езеро, во близината на тромеѓето помеѓу Република Грција, Република Албанија и Република Северна Македонија. Во Нивици на 25 и 26 март 1949 година бил одржан вториот конгрес на Народноослободителниот фронт (НОФ). Во селото на 17 јуни 2018 година е потпишан договорот помеѓу Република Грција и Република Северна Македонија со чијашто имплементација заврши деценискиот спор меѓу двете соседни држави, околу името ‘Македонија’“.






