Пишува: м-р Свето Тоевски
Алијансата за Албанците не влегува во Владата на Македонија, туку влегува во Владата, која ќе треба, надополнета со другите албански кадри, по промените на Уставот и спроведената „реорганизација на државата“, да го преземе раководењето со „реорганизираната“ Асоцијација на „албански општини“, основана во вид на „децентрализиран“ државолик нов ентитет на територијата на дотогашната унитарна Македонија!
А за што борба води Али Ахмети и неговата партија ДУИ, кој повеќепати во текот на минатата година велеше дека „Албанците се државотворен народ и треба да имаат редефиниран уставен третман“?! А за што и тој и сите албански партии партии отидоа пак на „поклонение“, поточно на координација и договарања кај Еди Рама за „Тиранската платформа 2“ на 10 јануари годинава?!
Арбен Таравари имаше директна средба со Еди Рама на 2 ноември 2022 година и оттогаш тој почна да сигнализира дека има намера да влезе во Владата. Таравари беше и во директна координација и со косовскиот премиер Албин Курти, па пред да замине во Тирана на 10 јануари, тој претходно „сврати“ во Приштина на „онака видување“ со косовското раководство… Со други зборови, формирањето на оваа (немакедонска) Влада е во директна координација со обединетиот албански политички фактор на Балканот, а и бездруго и со одредени „сигнали“ и од меѓународните центри на политичката моќ…
Во Владата ќе има 11 министри-Албанци и 10 министри-Македонци. Македонците се наоѓаат на „туристичка прошетка“ во владиниот кабинет, во кој сите лостови на власта ги има ДУИ, отсега и со штедра подршка на Алијансата за Албанците и „реорганизираниот“ Таравари.
Влегувањето на Алијансата за Албанците во Владата е замислено да го означи почетокот на распадот на македонската држава, синхронизирано и со формирањето на Асоцијацијата на српските општини на северот во Косово: асоцијација таму, асоцијација ваму, односно ваму федерален, или конфедерален албански кантон. Со таа разлика што по промените во Уставот и „свеченото влегување“ и на „државотворните Бугари“ во него, на територијата на Македонија е планирано да се конституира и вториот кантон, сеедно пробугарски, или директно бугарски.
За тоа е целата „санстефанска“ битка, која ја води официјална Софија: откако си го грабна „своето пиринско парче“ по поделбата на интегрална Македонија во 1913 година, сега намерата е да се „доземе“ и колку ќе може повеќе од вардарскиот дел на Македонија.
Македонци не е планирано да постојат како Македонци, тие се веќе „Отпишаните“: можат да бираат, или да се иселуваат во Западна Европа, преку океанот, или да се приклучат во редот на „благонадежните и самоосознаени Б’лгари“.
Дали ќе успеат овие „реорганизациски“, „новодржавотворни планови“ за новата поделба на Македонија? Зависи од самите Македонци! Али Ахмети со месеци повикува на „Проевропски фронт“, а новинарот и издавач на весникот „Лајм“ Фејзи Хајдари му одговара: „Пред Проевропски фронт ни треба Проалбански фронт, бидејќи ние сме најпрво Албанци, а потоа Европјани!“
Имам прашање до македонските политички партии: дали може да се оформи и „Промакедонски фронт“, да се тргнат настрана барем за еден, или неколку месеци сите македонски „копања очи“, па да се изготви национална стратегија за спас и заштита на македонската држава? Најпрв чекор е да се изгради најширока национална свест кај секој пратеник-Македонец дека промени на Уставот не смее да се случат по никоја цена.
Вториот чекор е да се „ампутира“ „северниот канцер“ од македонското национално тело: тој се наоѓа во зградата спроти Вардарот. Колку подолго ќе му се дозволува на тој „северен канцер“ да ги уништува македонскиот идентитет и државата, водејќи ја кон дезинтеграција, да им служи на бугарските и сите семожни странски интереси, само не на македонските државно-национални интереси, толку повеќе ќе се доближуваат Македонија и Македонците кон бездната. Од која нема враќање.
Во Турција и Сирија се случија катастрофални земјотреси и незамисливи човечки трагедии. Исто така и во Романија вчера се затресе тлото, за среќа без човечки жртви. Нека ми е простено што ќе повлечам ваква паралела, но ќе прашам: може ли и во Македонија да се случи „земјотрес“, ама „македонски народен земјотрес“, по кој ќе „огрее сонцето“, но кое нема да биде „бугарското сонце“?! „Сонцето“ чека на „земјотресот“!





