Ќе му залепат европско знаменце на законот за е-учебници, вели Милошоски

Министерството за образование планира да му залепи европско знаменце на новиот закон за дигитални учебници и на тој начин да го протне во Собранието, вели пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, откако МОН утрово соопшти дека законот е повлечен од собраниска процедура поради дополнување на делот за усогласување со европските документи.



„Кога министерката за образование Мила Царовска го слушна крикот на јавноста и револтот на родителите за идејата за отфрлање на учебниците и прифаќање на дигитални учебници, очигледно сфати дека оваа работа многу тешко ќе пројде во Собранието. Но, потоа веројатно ѝ текна да го повлече законот од собраниска процедура поради некакво дополнување за усогласување со европските документи.

Голема е веројатноста дека зад ваквиот потег стои идеата да се залепи европско знаменце на законот, а тоа значи целосно непочитување на гласот на народот и револтот на родителите. Ако се вметне европско знаменце на законот, тоа значи дека тој закон ќе биде изгласан во рок од три дена, без разлика на тоа колку амандмани се поднесени“, изјави Милошоски за Плусинфо.