Сегашните 64 пратеници кои го сочинуваат владиното мнозинство во Собранието многу лесно би можеле да се намалат на 62, особено откако „огнената група“ на ДУИ, чии членови никако не можат да се помират со фактот дека Артан Груби сѐ уште е главна фигура и десна рака на лидерот Али Ахмети, овојпат отворено се закани дека би можела да делува како фракција, додека, пак, двајцата пратеници од оваа група – Изет Меџити и Мерита Коџаџику – би ја напуштиле пратеничката група во Парламентот и би делувале како независни пратеници.
И кога на сето ова ќе се постави и прашањето колку СДСМ може да смета на својот пратеник Диме Велковски, кој веќе еднаш ѝ го сврте грбот на партијата кога соопшти дека е против францускиот предлог, но и ако се земе предвид незадоволството на пратеникот и лидер на Демократски сојуз, Павле Трајанов, воопшто не би било изненадување доколку наскоро почнат полека да се кршат и така стаклените нозе на власта.
Но, за волја на вистината, коментираат политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо, дури и таквата пата-пата ситуација и таквото неочекувано изедначување на силите во Собранието не би требало да претставуваат „крај на светот“ за властите, бидејќи, судејќи по потезите повлечени во блиското минато, ова нема да им биде првпат на СДСМ и на ДУИ да изнаоѓаат начини како да се извлечат од калта и да го одржат потребното мнозинство во Парламентот.
Лани во декември, истата оваа власт, но на чело со експремиерот Зоран Заев наместо со актуелниот Димитар Ковачевски, се најде во слична ситуација кога партијата на Билал Касами, Беса, одлучи да ја напушти власта по одлуката на Државната изборна комисија (ДИК) да има прегласување во Општина Желино по приговори поднесени од ДУИ. И тогаш почнаа сериозно да се тресат стаклените нозе на власта, особено откако тројцата пратеници на Беса го напуштија парламентарното мнозинство, но и покрај сѐ, власта на Заев и Ахмети и тогаш најде брзо решение: склучи коалициски договор со лидерот на тогашната опозициска Алтернатива, Африм Гаши, кој, пак, „скапо ги продаде“ своите четворица пратеници – за возврат доби три министерски места, три заменик-министерски и десетина директорски фотелји.
Според аналитичарите, доколку и сега би се случило такво нагло топење на владиното мнозинство, не би требало да нѐ чуди доколку и премиерот Ковачевски, по стапките на својот претходник, тргне во мисија да убедува некоја од опозициските партии да се приклучи во владината коалиција. А во моментов, посочуваат нашите соговорници, најблиску до такво нешто е партијата на Арбен Таравари, Алијанса за Албанците, која брои 8 пратеници.
Целата анализа на следниот линк:
nfo.mk/e-a-spasuva-li-taravari-vlasta-na-kovachevski-po-receptot-na-gashi-ognenata-grupa-na-dui-se-zakanuva-mnozinstvoto-se-topi-kako-mrazulec/





