Ќе излезат ли повторно на протест вработените во здравството?!

Врие во лекарската фела, меѓу медицинските сестри и останатите вработени во здравството. Ако властите до среда не направат конкретен чекор за потпишувањето на анексот на Колективниот договор, синдикатот најавува протест во четврток пред Министерството за здравство, во 5 минути до пладне, за симболично да покажат дека веќе времето за договор помина.



Претседателот на Синдикатот, Љубиша Каранфиловски, повтори дека со анексот се бара корекција на коефициентите на вработените во здравството со различни износи на платите.

Се работи за корекција која во овој момент не соодвејствува на она што се случи од двете последни покачувања на платата, кои беа во вкупен износ од 7650 денари во бруто, а ние го бараме покачувањето со можеби повеќе од половина од тој износ“ вели Љубиша Каранфиловски.

Според невро-радиологот Симон Силјановски, поради непочитувањето на колективниот договор, ќе се случи комплетна деструкција на вработените во здравството.

Има сестри кои ќе бидат помалку платени. Има ситуации, каде сестри викаат дека ќе работат како чистачки. Викаат: не сакам да се тресам над пациенти. Комплетна деструкција поради непочитувањето на договорот ќе доживеат 11 илјади вработени во здравството.“ вели Симон Силјановски, поранешен претседател на синдикатот.

Од Синдикатот се надеваат дека до четврток, за кога е најавен протестот, Министерството за здравство и Фондот ќе донесат одлука која ќе биде прифатлива за сите страни.

Вработените на Клинички и во градската болница 8 септември еднаш веќе излегоа на предупредувачки протест, со барање за покачување на платите и усогласување со промените на минималната плата, но и еден месец по доаѓањето на новиот министер за здравство Меџити, колективниот договор не е потпишан.