Ќе исчезнат ли дел од производите од рафтовите на маркетите, поради владините одлуки за замрзнување на цените. Економистите посочуваат дека оваа непопуларна мерка може да резултира со намалување на понудата, но сметаат дека „празни полици“ нема да видиме поради обврската компаниите да испорачуваат 70% од производството кое го испорачале во претходните месеци. Сепак, укажуваат дека оваа непопуларна мерка ќе биде на шетата на компаниите и дека има други мерки кои можат да се применат во вакви ситуации, кои се таргетирани кон ранливите категории.

– Станува збор за административни мерки спротивни на принципите на пазарната економија. Змрзнувањето на цените не обезбедува сигурност дека утре цените ќе обезбедат бенефит за производителите. Ваквите замрзнати цени ќе имаат бенефит за граѓаните и позитивно може да се одразат врз инфлацијата, но тоа може да биде штетно за понудата. Најчест проблем кој се појавува по замрзнување на цените е недоволната понуда на некои производи. Иако, во оваа ситуација државата ги обврза компаниите да достават одредена количина од производите кои и претходно ги доставувале и да се избегне недостигот на производи, вели во изјава за Фактор универзитетскиот професор Зоран Ивановски од Универзитетот за туризам и менаџмент.
Ивановски потенцира дека сепак ова не е гаранција дека нема да се појави незадоволство кај компаниите, кои поради замрзнатите цени ќе се соочат со намален прилив, намалена заработка, што пак вели професорот негативно ќе се одрази врз нивните идни инвестиции и подобрување на работата на компанијата, а тоа може да води и кон нерантабилност на компаниите, во најлош случај и нивно затворање.
– Сега е клучно да одредиме каква екномија сакаме: пазарна или планска економија каде државата ќе ги диктира цените на производите. Со инфлацијата може и со други мерки да се бориме, не мора тоа да е со неппопуларни мерки на замрзнување на цените, вели професорот Ивановски.
Тој дополнува дека може да се применат конкретно насочени мерки кон ранливите категории на граѓани, преку поголема финансиска поддршка само на оние на кои им е потребна помош, поточно таргетирани категории на граѓани.
– Други мерки со кои може да се влијае врз инфлациајта е преку намалување на даночните оптеретувања на компаниите, со намалување на даночни стапки, со царински ослободувања, или пак преку интервенции со државните резерви. Со државните резерви може да се зголеми притисокот на пазарот и да се зголеми понудата, па на тој начин да се намалат цените на производите. Факт е дека не може на долг рок да се држат замрзнати цените, потенцира професорот Ивановски.





