Ќе имаме ли в сабота топли радијатори или сонце ќе нè грее уште некој ден?!

Грејната сезона календарски почнува на 15 октомври, или што би се рекло од утре, но дали скопјани во сабота ќе се разбудат со топли радијатори останува да видиме. Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) уверуваат дека греење од сабота ќе има, ЕСМ – Енергетика најверојатно утре ќе ги добие трите лиценци за регулирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за да може да ги стартуваат трите топлани со работа, а пак, од компанијата порачаа по потрошувачите и заедниците на сопственици да ги завршат интервенциите на внатрешна инсталација и истото да се пријави во Центарот за грижа на потрошувачи на ЕСМ – Снабдување. Од Владата исто така информираа дека е обезбеден гас за работа на топланите за две недели.



И додека сите одговорни за старт на грејната сезона во нашата држава уверуваат дека се е подготвено, во соседна Србија се најавува можно поместување на стартот на централното греење за 1 ноември. Како што пишува „Нова.рс“ информацијата за одложување на грејната сезона премиерката во техничкиот мандат Ана Брнабиќ треба да ја соопшти денес или утре. Владата на овој начин се обидува да заштеди енергија, која на пазарот се купува по астрономски високи цени, а ја нема доволно.

– Сите гледаат во небото и ја следат временската прогноза и очекуваните температури. Времето засега им оди во прилог, бидејќи во следните две недели температурата ќе се движи околу 20 Целзиусови степени. Затоа се обидуваат да ги искористат ваквите временски услови, а топланите ќе почнат да работат две недели подоцна – објаснува изворот на Нова.

Грејната сезона и кај нас и во Србија законски е утврдено да почне на 15 октомври, но доколку надворешната прогнозирана температура на УХМР за наредниот ден е под 12 Целзиусови степени, пуштањето на топлина во топловодната мрежа може да почне и во периодот меѓу 1 и 15 октомври. Таа можност ја искористи Топланата „Скопје – север“ кои веќе десетина дена им испорачуваат топлина на своите корисници.

– Не сум слушнал дека се размислува за одложување на грејната сезона во Скопје. ЕСМ-Енергетика се подготвува за навремен старт, а сè уште во постапка е добивањето на лиценците. Мислам дека во 5 до 12 ќе ги добијат – вели директорот на „Скопје – север“, Куштрим Рамадани.

Тој вели дека топланата „Скопје – север“ работи од ден за ден, бидејќи тешко обезбедува пари за набавка на гас и дека имаат испратено писмено барање до ЕСМ за обезбедување на средства за купување на енергенсот, но оттаму сè уште немаат одговор.

Законот налага, Регулаторната комисија да одржи подготвителна седница за трите лиценци за регулирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, а потоа ќе следува главна седница на која ќе се гласа за лиценцата. За исходот од гласањето РКЕ ќе информира на утрешната прес-конференција закажана за 13 часот.

Планот на Владата е непреченото снабдување со топлинска енергија за целата грејна сезона која трае до 15 април да ја врши гасната централа Те-То за која треба да се обезбеди доволно гас. До каде се преговорите со Те -То сè уште е нејасно, а министерот за економија, Крешник Бектеши, уверува дека топлинска енергија ќе има за сите без разлика дали ќе работела Те-То или не.

– Ако не работи Те-То во делот на производство на електрична енергија, со чиј нус производ се обезбедуваат 60 до 70 отсто од производството на топлинска енергија, за градот Скопје, топланите Исток и Запад со набавката на гас ќе ја покријат целата потрошувачка во делот на топлинска енергија која ја има во градот Скопје. Ако работи Те-То, топланите Исток и Запад ќе работат со помал интензитет – објасни Бектеши.

Доколку имало недостаток од гас, Владата ќе ги отвора и стоковните резерви. Измените на Законот за стоковни резерви треба да го помине на собраниска седница за да можат да се користат во случај на недостаток.

СЕКОЈА ГОДИНА ИСТА ПРИКАЗНА – Во 105 објекти лоцирани дефекти во внатрешната грејна инсталација

Во моментов во околу 105 објекти (што претставува околу 3,7 отсто од вкупниот број на мерни места) сè уште не се обезбедени бараните услови, односно имаат дефекти во внатрешната грејна инсталација, оневозможен е пристап на екипите на компанијата до топлинските станици или немаат електрична енергија во топлинските станици.

– Со цел испораката на топлинска енергија од системот за централно греење да се одвива непречено и навремено, апелираме до потрошувачите, управителите односно „заедниците на сопственици” да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација во најкус можен рок и истото веднаш да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи, да овозможат непречен пристап на екипите на компанијата до топлинската станица, да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација) – изјавија од ЕСМ – Снабдување.