Ќе имаме ли гас или не? Никој не знае како ќе го плаќаме рускиот гас

Не се знае дали земјава ќе се соочи со проблеми во снабдувањето со гас по барањето од Русија од 1 април плаќањето да се врши во рубљи. Од владата тврдат дека до 15 април снабдувањето е обезбедено и се надеваат дека и во наредниот период набавката ќе оди непречено бидејќи се врши преку приватни компании кои имаат потпишано договори со „Газпром“. Увозниците на гас засега не откриваат дали имаат проблеми со набавката и плаќањето на овој енергенс.



Министерот за економија Крешник Бектеши денеска изјави дека нема да има проблем да се обезбеди овој енергенс, но не кажа како ќе се реализира плаќањето.

– Снабдувањето кај нас е генерално до крајот на грејната сезона до 15 април, а приватни договори кај нас имаат „Макпетрол“ и ТЕ-ТО, кои имаат лиценцирани фирми – рече Бектеши.

Тој додаде дека државава се потпира на алтернативните извори на снабдување со овој енергенс кои ќе ги користи Бугарија.

– Ние ќе ја почитуваме секоја одлука што ќе ја донесе ЕУ. Убеден сум дека ќе најдеме нови алтернативи како што е интерконекторот со Грција, терминалот Александрополус, како и нов интерконектор со Бугарија. Ако се донесе таква одлука, ќе се снабдуваме од Бугарија со сите алтернативни ресурси кои ќе ги преземе таа земја – рече Бектеши.

Од компанијата БЕГ која ги снабдува најголемиот дел од скопјани со парно за Плусинфо изјавија дека немаат проблеми во испораката на гас.

– БЕГ производство има договор за набавка на природен гас со домашниот снабдувач со природен гас компанијата „Макпетрол Промгас“ и истиот во целост се почитува – рекоа од компанијата.

Компаниите увознички на гас, сè уште не се изјаснуваат дали ќе имаат проблеми со набавките и плаќањето на гасот, бидејќи го немаат добиено упатството од Русија.

– „Макпетрол“ засега нема добиено упатство за плаќање на природниот гас, но доколку стигне такво известување од страна на рускиот добавувач, ќе превземеме соодветни чекори и ќе се прилагодиме кон истото – велат од „Макпетрол“.

Информација за тоа дали има проблеми во плаќањето на набавениот гас не добивме ниту од Регулаторната комисија за енергетика.

Извор: Плус инфо