Државните електрани набавиле гас само за првите две недели од стартот на грејната сезона, потврдија оттаму за Канал 5. Купиле 4 милиони кубни метри гас од Макпетрол а платени се околу 6,8 милиони евра, односно 1.713 евра за 1000 метри кубни гас.
– „За до крајот на грејната сезона концептот на греење, односно енергенсот, ќе се определи во зависност од тоа дали и во каков режим ќе работи гасната електрани ТЕ-ТО, која како нуспроизвод од производството на електрична енергија испорачува топлина во системот за парно греење во Скопје,“ велат од ЕСМ.
Преговорите за преземањето на ТЕ-ТО се уште траат. Нема ниту исход од разговорите за набавка на гас од Србија, која беше најмногу споменувана од Владата по мини регионалната турнеја.
Додека преговорите висат, единствена алтернатива за претпријатијата е да ги искористат нафтените резерви. Првиот човек на Скопје-Север, Куштрим Рамадани, апелира што побрзо да се изгласаат измените на Законот за задолжителни резерви со што ќе се ослободат 50% од енергенсите од домашните складишта.
– „Имаме претставник во Комисијата за справување со кризaта со топлинска енергија и очекуваме од нив насока на што да се ориентираме бидејќи имаше дискусии Дирекцијата за задолжителни нафтени резерви да може да ни отстапи дел од нивните резерви за потребите на топланите. Но, како што знам јас треба да помине законот во Собранието бидејќи со постојниот закон не можат да ни даваат количини,“ рече Куштрим Рамадани, директор на „Скопје – Север АД“.
Според информациите од 2021 година, државата најмногу има дизел, 105 милиони литри, потоа , 31 милион литри бензин, 20 милиони килограми мазут и 10 милиони литри нафта за загревање. Граѓаните стравуваат дека доколку се оствари ова сценарио, загадувањето повторно ќе руши рекорди.






