Ако не се смени називот на веб-страната на шефот на државата, ќе има санкции.
Генералниот секретар на Владата го предупредил администраторот на веб-страницата на Кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов дека се соочува со санкции доколку не се промени називот на институцијата во „Претседател на Република Северна Македонија“.
„ Одговорноста за непочитувањето на законите важи за сите, така што, ако не се почитуваат Уставот и законите, ќе се преземе постапка против администраторот на домејнот“, изјави Драги Рашковски за Дојче веле.
Според динамиката што ја објави Меѓуресорската група на 12-ти февруари, во рок од 3 дена сите институции требаше да извршат промена на сите дигитални записи – логоа, меморандуми, електронски комуникации, веб-страници. Тој рок истече на 15-ти февруари, а за 6 дена истекува и рокот од две недели во кои треба да се изменат меморандумите, печатените материјали, папките и индикаторите.





