Ќе има решение за 3.000 граѓани без македонско државјанство!?

До петок би требало да се знае дали и под кој услови над 3.000 граѓани граѓани ќе можат да се стекнат со македонско државјанство.



Денеска премиерот Зоран Заев и лидерите на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши оценија дека е направен сериозен исчекор за договор за Законот за државјанство, со што , пак, ќе се одблокира работата на Собранието.

„Експерти од МВР во петок треба да го стават на хартија договореното и веќе од понеделник Законот да влезе во собраниска процедура, а со тоа и да се одблокира работата на Собранието. Според мене, ова беше исклучително успешна средба, направен е сериозен исчекор, разговаравме за сите отворени прашања и најдени се механизми за наоѓање решенија“, рече Заев по средбата.

Решенијата ќе се бараат во намалување на годините за стекнување на државјанство според европските пракси. Кај нас тој период е 8 години. Заев рече дека има европски држави каде државјанство се добива за 7, 6, 5 години… и од просекот ќе се утврдат годините за државјанство. Според Заев, станува збор за 2.727 барања за 3.200 државјанства. Од нив 1.500 се граѓани кои не се родени тука, 800 се таканаречените фантоми, односно граѓани кои се родени тука, но никогаш не добиле државјанство. Останатите се по основ на брак, живеат во државата и може да добијат државјанство.

Премиерот е убеден дека договорот за Законот ќе предизвика повлекување на амандманите за деблокирање на законите.

АА-А ги повикаа опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица уште денеска да ги повлечат амандманите на Законот за државјанство, а за возврат албанската опозиција ќе ги повлече амандманите на петтиот антикризен пакет мерки.