Ако се потврди веста на бугарските медиуми дека утре, 4 февруари, кога се одбележуваат 150 години од раѓањето на големиот македонски револуционер Гоце Делчев премиерот Ковачевски и министерот Османи нема да бидат во Скопје можна е нова дипломатска криза меѓу Скопје и Софија.
Денеска медиумите во Бугарија јавуваат дека македонската страна нема да биде присутна на потребното политичко ниво на положувањето венец на бугарската делегација предводена од министерката за надворешни работи Теодора Генчовска.
Заедничката богослужбата и чествување како што најави бугарскиот премиер требаше да се одржи во црквата Свети Спас во Скопје.
Кирил Петков во Собранието на Бугарија како одговор на прашање на поранешната дипломатка бр. 1 Екатерина Захариева најави дека се подготвува заедничка прослава на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
Извесно е дека оваа изјава Петков ја дал по постигнат договор со владата во Скопје или пак ја дал на своја рака без да ја информира за тоа Македонија.
Според бугарските медиуми официјалното објаснување од скопските власти е дека министерот за надворешни работи Бујар Османи и премиерот Димитар Ковачески се во посета на странство.
Засега нема информации дека некој од нив ќе се врати порано за да учествува во заедничката богослужба.
Во бугарската делегација ќе има министри и заменици министри кои според дипломатскиот протокол мора да се сретнат со своите хомолози.
Ако Османи не се појави со Генчовска а претходно се договорил да ја пречека во Скопје тоа според дипломатските правила е навреда.
Дали македонските претставници се уплашија од гневот на граѓаните по најавата за заедничко чествување, навистина имаат обврска во Брисел или пак ќе се вратат утре навреме засега нема објаснување од владата.
По потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство на 1 август 2017 година, премиерите на двете земји неколкупати положија венци пред гробот на Гоце Делчев и пред неговиот споменик во Благоевград.
Вчера, сосема изненадувачки, копретседателот на Македонската историска комисија, Драги Георгиев, отворено повика на замрзнување на работата на комисијата.
Премиерот Кирил Петков минатата недела објави дека тој и неговиот колега Ковачевски се договориле до крајот на мај да има најмалку три состаноци на комисијата.






